Охрид го празнува Водици - градот 'врие' од туристи

 

Во Охрид денеска  се од

ржува најмасовната верска манифестација, традиционалното фрлање на светиот крст и осветувањето на водите на Охридското Езеро по повод празникот Водици. Оваа година по крстот ќе скокаат  околу илјада верници, како од градот така и од другите градови на земјата, но и гости од Србија, Бугарија, Чешка, Шпанија.

Прославата почна изутринава со богослужби во сите парохиски цркви во Охрид и Дебарско-кичевската епархија. Централната црковно-народна манифестација сега се одвива на Градското пристаниште во Охрид, каде ќе се одржи и главниот настан – фрлањето на светиот крст и осветувањето на водите на Охридското Езеро, предвидено за 10:15 часот.

На манифестацијата по повод Водици во Охрид најавено е присуство на личности од политичкиот и јавниот живот, како од градот, така и од државата, но и од соседните земји и од светот. Меѓу нив и претседателот на Владата Никола Груевски, претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, неколку министри од владиниот кабинет, амбасадори, членови на дипломатскиот кор во земјата... Тука е и поранешниот амбасадор на Европската унија во Македонија, Ерван Фуере, кој уште за времето на неговата служба во Македонија најави дека секоја година на овој ден ќе биде со охриѓани и традиционално ќе се искапи во Охридското Езеро.

После концертите на Жељко Јоксимовиќ и хорот „Света Злата Мегленска“ и денешната централната свеченост на осветување на водите на Охридското Езеро, прославувањето на Водици продолжува и утре на празникот Свети Јован Крстител или Денот на рибарите. Таа уникатна манифестација - традиционалното капење на рибарите, ќе биде збогатена со штандови на кои угостителите од Охрид за посетителите ќе нудат бесплатна греана ракија, вино, тон пржени плашици, два тона рибна чорба.

По повод празникот, градот е полн со туристи.

19.01.2014 - 10:14
Фото: 
Региони.мк

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа