Фаќањето на крстот е соединување на човекот со Христа - православните христијани го слават Водици

Православните верници денеска го слават големиот христијански празник Богојавление - Водици. Празникот се нарекува водици заради големиот водосвет што го извршува Црквата на овој ден. Традиционално, во реките се фрлаат крстови, а оној што ќе го фати светиот крст се верува дека ќе го следи благослов и среќа во текот на цела година. Фаќањето на крстот значи соединување на човекот со Христа, а се верува дека со фрлањето на крстот водите се осветуваат и стануваат лековити. Со Водици завршуваат т.н. Некрстени денови.

По светиот крст во Скопје кој ќе биде фрлен во водите на реката Вардар точно напладне пријавени се над 200 граѓани. Меѓу нив има граѓани кои со децении скокаат по крстот, но и такви што досега никогаш не учествувале. Има пријавено и едно девојче и неколку малолетници.  Василиевата литургија ќе почне во 9 часот во црквата „Св. Димитрија“ во Скопје по што поглаварот на Македонската православна црква г.г. Стефан заедно со свештенослужителите и верниците со литија ќе се упати кон мостот кај хотелот „Холидеј ин“ каде ќе ги освети водите на Вардар.

Во Охрид манифестацијата ќе започне во 10 часот кај Градското пристаниште, а крстот ќе биде фрлен во водите на езерото околу 10:15 часот. Според најавите, се очекува бројот на оние што ќе скокаат по крстот да биде над илјада, од кои повеќе од 200 верници се  од други градови и држави. Годинашни кумови се охридскиот градоначалник Никола Бакрачевски и охридскиот стопанственик Сашо Симески.

19.01.2014 - 10:04
Фото: 
либертас

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега