Виена се запозна со туристичкиот потенцијал на Македонија

Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот во соработка со Амбасадата на Република Македонија во Австрија и економскиот промотор, и годинава го претставија туристичкиот потенцијал на Република Македонија во Виена. 

- Одличната организација и презентација на штандот, настапот на Македонска детска фолклорна група, вклучувањето на условно речено мистифицирани приказни го загатнаа интересот на присутните Австријци кои потоа со апетит пријдоа кон пробата на македонското вино кое беше понудено на штандот.  Се забележува разлика од претходните и оваа година во динамиката и во поголемото присуство на Македонски тур-оператори поради што сум убеден дека оваа година бројот на австриски туристи далеку ќе ја надмине претходната година, истакнува македонскиот амбасадор во Австрија, д-р Ѓорѓи Филипов.

Македонија како туристичка дестинација ја понудија и македонските тур-оператори Visit Macedonia, Panoramic  и Macedonia Travel.

- Ова е втор саем за туризам на кој ја претставуваме Република Македонија годинава, кој следи веднаш по Холандија. Интересот за Македонија како туристичка дестинација расте на австрискиот пазар. Нови соработки со Австриски тур-оператори се на повидок, со што очекуваме бројот на туристи од Австрија драстично да се зголеми оваа година. Посебен акцент при промоција на Македонија во Австрија, е ставен на бројните сончеви денови кои на Австријците им недостасуваат, рече Маја Глигоровска, портпарол на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот.

На Саемот за туризам во Виена настапи КУД „Македонка“ од Виена, а туристичкиот потенцијал го претстави портпаролот на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот, Маја Глигоровска. 

18.01.2014 - 10:08

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега