Македонското Собрание усвои повеќе предлог- закони

 

Македонското Собрание во попладневното продолжение на 82. седница ја донесе  Предлог-одлуката за именување на членови на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.

За членови на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен се избрани Благица Тодорова, дипломиран правник од Свети Николе, Дарко Доневски, дипломиран правник од Скопје, Снежана Филиповска Павлеска, дипломиран правник од Скопје и Јетмир Лика, дипломиран економист од Тетово.

Макеоднските пратеници денеска ги усвоија и предлог-одлуките за разрешување и именување на претседател и членови на Одборот за доделување на државната награда „11 Октомври“, за разрешување и именување на претседател и членови на Одборот за доделување на државната награда „Мајка Тереза“, за разрешување и именување на претседател и членови на Одборот за доделување на државната награда „Св.Климент Охридски“, Законот за ратификација на Договорот за трговија со оружје, како и Предлог-законот за ратификација на Договорот за соработка од областа на трудот, социјалната сигурност и вработувањето меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Турција.

Пред гласањето на Предлог-законот за ратификација на Договорот за соработка од областа на трудот, социјалната сигурност и вработувањето меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Турција, Ердоган Сарач од Движењето за Национално единство на Турците во Македонија ги поздрави добрите односи меѓу двете држави.

- Досега се потпишани околу 60 договори, а уште 25 договори чекаат ратификација, додаде Сарач.

На продолжението на седницата се усвоени и Предлог-законот за ратификација на Договорот меѓу Република Македонија и Босна и Херцеговина за измени и дополнувања на Договорот меѓу Република Македонија и Босна и Херцеговина за правна помош во граѓанските и кривичните предмети, како и предлог-законите за финансиската полиција, за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност, за дополнување на Законот за пригодни ковани пари, за изменување и дополнување на Законот за задолжница, сите во второ читање.

Пратениците ги усвоија предлог-законите за заклучување на стечајните постапки отворени согласно Законот за присилно порамнување стечај и ликвидација и Законот за стечај, за вонсудско спогодување, за дополнување на Законот за индустриската сопственост, како и Дополнеттиот предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за вештачење.

Во Дополнеттиот предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за вештачење, според пратениците од опозицијата, изгласувањето на Законот претставува класичен пример за упад во правниот систем на Република Македонија и тоа како не треба да се носи закон. Тие прашаа зошто директно се фаворизира Бирото за судските вештачења и што ќе се случи со останатите 160 лиценцирани вештаци од 2010 година кои ги добија лиценците.

Во одговор на прашањето заменик-министерот за правда истакна дека во никој случај оние лица кои добиле лиценци нема да бидат отфрлени да вршат вештачења, дека државата е една страна во спорот и  ние не ги отфрламе, како што рече, лицата кои ги имаат лиценците и за сите во државата ќе има работа.

Собранието ги донесе и Дополнетиот предлог-закон за изменување и дополнување на Закон за заштита на децата во второ читање и Дополнеттиот Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за државната ревизија во трето читање. 

 

17.01.2014 - 17:37
Фото: 
Лидер

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега