Трилатерална средба на БиХ, Србија и Турција
Денеска во Турција ќе се одржи трилатерален самит Турција-Србија-Босна и Херцеговина, а на истиот се очекува да учествуваат претседателите од сите три земји. Ова ќе биде трета средба од ваков тип по првата која се одржа во Истанбул во 2010 и втората во Караѓорѓево во 2011 година.
На истата ќе се појават домаќинот Абдула Ѓул, српскиот претседател Томислав Николиќ и членовите на претседателството на БиХ Небојша Радмановиќ, Бакир Изетбеговиќ и Жељко Комшиќ.
На истата се очекува да биде усвоена и заедничка декларација.
Министрите за надворешни работи на земјите Ахмед Давутоглу, Иван Мркиќ и Златко Лагумџија минатата недела во Сараево одржаа подготвителен состанок, додека ресорните министри вчера потпишаа трилатерален Протокол за економска соработка.
Турскиот министер за економија Зафер Чаглајан, потпретседателот на српската Влада и министер за надворешна и внатрешна трговија и телекомуникации Расим Љајиќ и министерот за надворешна трговија и економски односи на БиХ вчера во Анкара потпишаа Протокол за формирање на троен трговски комитет меѓу Турција, Србија и БиХ.
- Формирањето на Комитетот е индикатор на нашето пријателство со цел за развој и поттик на соработката меѓу нашите земји, а на секој состанок на Комитетот ќе присуствуваат стопанственици и ќе бидат организирани трилатерални средби поддржани од владите на нашите земји, истакна Чаглајан.
Турскиот претседател Абдула Ѓул пред состанокот изјави дека неговата земја прави силни напори за подобрување на односите со Сараево и Белград.
- Приближувањето на Сарaево и Белград дава очвиден придонес за мирот во регионот, нагласи Ѓул. Тој најави дека особено внимание на самитот ќе биде посветено на соработката во областа на економијата, троговијата, енергетиката, образованието, културата, туризмот и земјоделството.