Поселт: Спорот за името да се реши во наредните шест месеци

Европратениците во Стразбур побараа од Грција за време на нејзиното претседавање со ЕУ да и овозможи на Македонија да продолжи со европските интеграции. 

Грчкиот заменик министер за надворешни работи Куркулас, нагласи дека неговата земја силно се залага за проширувањето, и дека во наредниот период нејзин приоритет ќе биде поврзувањето на ЕУ со земјите од процесот на проширувањето во клучните сектори.

Сепак исто како и премиерот Андонис Самарас, тој избегна да зборува за Македонија како земја кандидат.

Меѓутоа, уште на самиот почеток од расправата за тоа се погрижи чешкиот европратеник од редовите на социјалистите и демократите, Либор Ручек, кој испрати отворен повик до грчкото претседателство со ЕУ.

- Го повикувам грчкото претседателство и грчката влада да направи се, за да продолжи напредокот во однос на прашањето со името со Скопје и официјалното име на земјата. Направете се што е во ваша моќ за нештата да напредуваат, за Скопје да тргне по истиот пат како Белград и Хрватска. Со други зборови ПЈРМ, треба исто така да започне преговори, нагласи Ручек.

Британскиот европратеник Чарлс Танок од редовите на европските козервативци и реформатори, беше во иста насока.

- На Македонија треба да и се честита. Во извештајот се зборува за фрустрација од која страда земјата. Се досега Македонија напредуваше, и таа не треба да се остави сама. Проблемот со името е неодржлив и дојден е моментот кога тој треба да се реши, вели Танок.

Германскиот европратеник од редовите на Народните партии Бернд Поселт со ист повик. „Грција треба да ја спушти блокадата за Македонија, за во регионот да има поголема стабилност“.

На ова реплицираше грчкиот европратеник Јоргос Кумуцакос од групата на Народните партии, кој нагласи дека мислењето на Поселт е погрешно.

- Грција сака европска перспектива за сите свои соседи, тоа е нејзин стратегиски избор. Која земја гласаше за договорот за Стабилизација и асоцијација, која се согласи за безвизниот режим, таа да добие статус на земја кандидат, дали тоа беше Грција, запраша Кумуцакос.

Одговорот на Поселт беше краток. - Ќе ме радува доколку Грција ја поттикне европската интеграција на целиот регион, а со тоа и на Македонија. Јас апелирам до грчката влада и до Советот да го реши прашањето за името уште во наредната половина година, кога Грција го има претседателството, и да се погрижи за тоа истото да не го кочи развојот, истакна Поселт.

Според белгиската европратеничка од редовите на либералите Анеми Нејтс-Ујтеброк, „фактот што немаме решение за проблемот со името за земјата, која овде ја викаме ПЈРМ, како и непризнавањето на Косово од пет земји членки, не е одраз на политичка волја, туку недостиг на далековидост, бидејќи еден ден ќе мораме да најдеме решение за ова прашање.“

Нејзината сопартијка од Романија, Норица Николај, смета дека Србија и Македонија треба набрзо да станат членки на ЕУ.

- Грчкото претседателство ќе забележи вистински успех ако и дозволи на Македонија да го започне процесот на зачленување. Тоа ќе биде сигурно најголемиот успех на претседателството со Советот што ќе го постигне. Грција не смее да ја пропушти ова прилика, рече таа.

Словенечкиот европратеник од редовите на либералите Иво Вајгл со ист совет за грчкото претседателство.

- За грчкото претседателство, кое мислам дека ќе биде одлично, продуктивен и добронамерен ќе биде контактот со соседна Македонија и со тоа што ќе и го отвори патот за евроатлантската интеграција, бидејќи станува збор и за членството во НАТО, а не само во ЕУ, вели Вајгл.

Како одговор на сите овие забелешки претседавачот со ЕУ, грчкиот заменик министер за надворешни работи Димитрис Куркулас на крајот од дебатата за Србија само рече: „Тоа не е на дневен ред. Но, сакам да кажам дека одлуките од декември на Советот ги одразуваат позициите по овие прашања.“

Македонија е на дневниот ред идната недела на Комисијата за надворешни работи на ЕП, која ќе расправа по 170 амандмани на извештајот на известувачот за замјата Ричард Ховит, за кој на пленарна сесија ќе се расправа во февруари.

16.01.2014 - 15:31
Фото: 
Сител

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа