Граѓаните на Македонија децидни: НЕ за било каква промена на името

Меѓу граѓаните на Македонија во пораст е ставот против каква било промена на името, покажуваат резултатите од анкетата на јавното мислење „Спорот за името Македонија“ што ја спроведоа Македонскиот центар за меѓународна соработка и Институтот за демократија „Социетас Цивилис“-Скопје, а беше тема на денешната јавна дебата на која стана збор и за односите на Република Македонија со соседите.

Споредено со претходните две слични истражувања во 2010 и 2011 година, ова третото покажува дека мнозинатвото граѓани (62,4%) се против каква било промена на името, а на 70,3 отсто не им е прифатлива ниту една географска одредница. Идентитетот е клучен фактор во спорот, а главна пречка за негово решавање за повеќете од половината испитаници (53,8%) е неприфаќањето на Грција на реалноста за постоење на Македонија, додека за 32,9 проценти како главна закана е дека и доколку се реши спорот Атина ќе бара нови отстапки во идентитетот и јазикот.   

Воедно, и покрај желбата на мнозинството граѓани прашањето да се реши во брзо време, опаѓа оптимизот дека е тоа можно. Најголем дел, околу 30 отсто од анкетираните сметаат дека спорот никогаш нема да се реши. Во однос на тоа како да се продолжи, најдоминантен процент од испитаниците 31,8 отсто сметаат дека во процесот треба да се вклучат премиерите на двете земји, а 30,6 проценти дека треба да се вклучи и трета страна при што предничи САД (30,6%), следат ЕУ (22%) и ОН(16,1 %), како и Германија(8,1%).

Министерот за надворешни работи Никола Попоски и поранешниот шеф на дипломатијата и актуелен пратеник Антонио Милошоски оценуваат дека причина за ваквиот пад на оптимизмот и чувствата кај граѓаните по однос на ова прашање се одраз на реалноста на теренот, односно неисполнетите очекувања дека тој спор ќе се реши и целосната асиметрија од аспект на мотивите за решавање на овој спор во едната и во другата земја.

- Човековите права апсолутно се релевантни во овој процес, а мислам на правото на самоопределување. Целата европска идеја и на Советот на Европа е базирана на правото секој да определи како се чувствува, и на тоа и правото на дефинирање на националните параметри секој за себе. Тоа е сериозно нарушено во нашиот случај и не е прашање кое би требало да го маргинализираме. Тоа како се однесуваме и колку ги почитуваме тие права не треба да зависи од тоа ако сум во ЕУ можам да ги игнорирам тие права, а ако сум надворе од ЕУ тогаш треба максимално да ги почитувам, бидејќи во тој случај ќе створиме чувство членството во ЕУ да биде услов за да не почитувате одредени права, а сосем спротивното би требало да ни биде цел - подигнување на повисоко ниво сите стандарди од аспект на човековите права, рече Попоски.  

Милошоски се наврати и на една изјава од поранешната шефица на грчката дипломатија Дора Бакојани дека Грција нема намера да дозволи РМ да стане членка на ЕУ пред тоа да стане Србија.

- Она што за граѓаните е најголем фактор што иритира е пристапот од страна на Грција со кој официјална Атина смета дека колку повеќе и колку подолгорочно ќе ја блокира РМ, дека толку повеќе македонските граѓани ќе стануваат попокорни или попотчинети на грчките позиции. Но се појавува еден контраефект. Колку е поголем приотисокот македонските граѓани стануваат поотпорни кон овие агресивни и долгорочни притисоци кои имаат константа, рече Милошоски. 

Професорот Стево Пендаровски, пак, го подвече значењето на консензусот како фундаментален недостаток на македонската надворешна политика во однос на најважните национални и државни прашања. 

- За името, освен преговарачката рамка, за која немаше политички консензус, тврдам дека никогаш не сме разговарале, а не да постигнеме консензус за еден исклучително битен момент. Кој е нашиот стратешки спонзор за да го решиме спорот, ако го решиме, во наша полза. Америка? Германија? Не сме разговарале никогаш за тоа, бидејќи е неспорно дека спорот не може да го решите само на релација Атина-Скопје. Нимиц не е Америка, не е Стејт департменот, Нимиц не е германскиот канцелар - двата столба на меѓународната политика денес, вели Пендаровски посочувајќи за разлика на консензусот кој постои подолг период кај Србите во однос на МПЦ.

Професорот Ризван Сулејмани оцени дека високиот процент од 78 отсто граѓани кои се против решавање на спорот за името говори дека прашањето преминало од фаза на разумно резонирање во фаза на толпа, која говори за страв. Битката во јавното мислење, вели се води на два колосека -левичарскиот или либералниот, кој работи на јакнење на државата и националистичкиот, десничарскиот на јакнењето на идентитетот.

- И кај се Албанците? Албанците се гледаме дека сме изолирани како едно езеро кое секој ден му се повлекува водата и не загушува и кој е излезот? Левицата вика ајде побргу, одиме кон морето, а тоа море е НАТО и ЕУ инаку останавме овдека, ќе изгинеме. Десницата пак по секоја цена сака да ја запре водата да не отиде таму, а Албанците немаат идеја и се што прават матат вода, за од таа вода да ги истераме рибите надор, вели Сулејмани.   

Истражувањето на јавното мислење е направено преку теренска анкета во периодот од 15 ноември до 1 декември 2013 година на репрезентативен примерок од 1000 испитаници

16.01.2014 - 15:36

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега