НБРМ: Македонската економија ќе продолжи да расте

Македонската економија ќе продолжи да расте со сличен интензитет како и во третиот квартал. Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ оваа оценка је темели врз поволните движења во градежништвото, како и врз сигналите за закрепнување на индустриската активност.

Податоците за инфлацијата за 2013 година покажуваат просечна годишна инфлација од 2,8 отсто што се совпаѓа со проекциите, но постојат надолни ризици околу проекцијата на инфлацијата за следниот период имајќи предвид дека во последните месеци инфлациските притисоци беа послаби од очекувањата и при можност за натамошни помали увозни ценовни притисоци од претходно оценетите.

На домашните финансиски пазари, во декември ликвидноста на банките се намалилa под влијание на автономните фактори, во услови на сезонски повисока побарувачка за готовина во пресрет на празничната сезона. На меѓубанкарскиот пазар на депозити, прометот беше на стабилно ниво, при што високата застапеност на трансакциите на седум дена укажува на цврстата доверба помеѓу учесниците на пазарот.

Според првичните податоци за кредитните текови, во декември дојде до понатамошно забрзување на месечниот раст на кредитите, при што како и во претходниот месец кредитната активност во голема мера беше насочена кон корпоративниот сектор. Ваквата динамика на кредитната активност е подобра од очекуваната и упатува на можно стабилизирање на согледувањата за ризик на банките, како и на ефекти од досегашното монетарно олабавување. Сепак, потребно е време за да се оцени одржливоста на овие поволни трендови на кредитниот пазар, во услови на се уште присутни ризици. Декемвриските податоци упатуваат на поволни движења и кај депозитниот потенцијал на банките, што и натаму засилено се зголемува на месечно ниво.

15.01.2014 - 15:33

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега