Власта и опозицијата се договорија за Изборниот законик
По еден месец преговарања власта и опозицијата постигнаа консензус за прашањата околу измените за Изборниот законик. Информацијата на весникот Дневник ја потврдиле министерот за правда Блерим Беџети, како и од таборот на опозицискиот СДСМ.
- По вчерашниот состанок, можам да кажам дека Изборниот законик е усогласен 99 отсто. Се надевам дека попладнево ќе можам да соопштам оти измените на Изборниот законик ќе се донесат со консензус - рече Беџети.
Од опозицијата велат дека нивните барања и сугестии за кривична одговорност и злоупотреба на државните пари во текот на кампањата биле прифатени од страна на власта. Со ова секаков вид на прекршок или манипулација од страна на кој било функционер ќе подлежи на затворска казна.
Според предлогот, функционер што ќе ја прекрши одредбата за јавен настан може да добие затворска казна од шест месеци до една година. Повисоки затворски казни и тоа од три до пет години може да заработи функционер ако злоупотреби државни пари во кампања, како што се вонредна исплата на субвенции, социјална помош или пензии, плати и други трошоци.
Така, функционерите 20 дена пред и во текот на кампања освен што не смеат да фрлаат лопати и да поставуваат камен-темелници, не ќе смеат новите објекти да ги промовираат ни на прес-конференции. Во тој период не им е забрането да ги промовираат проектите со изјави во емисии или на друго место и на митинзи.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа