Од 1 февруари електронско пријавување и одјавување здравствено осигурување

Од 01 февруари 2014 година сите фирми задолжително ќе треба да ги користат електронските услуги - пријава и одјава на здравствено осигурување преку веб порталот на Фондот, информираше денеска директорот на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, Маја Парнарџиева Змејкова.

-75.000 фирми досега требаше за пријави и одјави на здравствено осигурување за своите вработени и за членовите на нивните семејства да доаѓаат лично секој месец во подрачните служжби на Фондот за здравствено осигурување. Во декември 2013 година  фирмите реализирале 15.000 посети во подрачните служби на Фондот, рече Парнаџиева на денешната прес-конференција.

Од декември 2013 година, Фондот пробно започна со електронски услуги за пријава и одјава за здравствено осигурување за сите фирми - обврзници за пресметка и уплата за придонеси. Се овозможи пријава на здравствено осигурување преку веб порталот на Фондот за здравствено осигурување (https://portal.fzo.org.mk).

Постапката за користење на е-услугите е едноставна. Фирмите треба да овластат лице или сметководител (сметководствена компанија) кои ќе ги спроведуваат електронските пријави во здравственото осигурување. Фирмите кои имаат потреба од пријавување и одјавување, наместо да одат во подрачните служби на Фондот за било која промена на нивни вработен сега тоа може да го направат електронски, за 30 секунди, без притоа да ги носат здравствените легитимации на заверка во подрачните служби во Фондот. Овластеното лице потребно е да има активна електронска здравствена картичка и да има креирано профил на веб порталот на ФЗОМ (за што исто има корисничко упатство на веб страницата на Фондот (www.fzo.org.mk).

-Апелираме фирмите побрзо да овластат лице за да можат активно да ги користат електронските услуги, со што се заштедува време, пари, хартија, а станува непотребно одењето во подрачните служби на Фондот. Имено, со оваа новина во ФЗОМ ќе се одбегнат 180.000 посети годишно од страна на овластени лица од фирмите во Република Македонија кои доаѓаа во подрачните служби на Фондот, а сега овие услуги ги добиваат електронски, преку компјутер во своја канцеларија, соопштија денеска од ФЗОМ.

ФЗОМ информира дека за оваа намена во тек се обуки за заинтересираните фирми за користење на електронските услуги на Фондоткои може да се обратат на helpdesk@fzo.org.mk.

13.01.2014 - 15:24

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега