Заглавена во место Комисијата за 24 декември
Личноста која ќе раководи со ад-хок комисијата за 24 декември да ја избере СДСМ, а одлуките да се носат со консензус. Владејачката партија упати јавен предлог до опозицијата за конечно да се исполнат обврските од мартовскиот политички договор. Пратеникот Илија Димовски кој на предлог од ВМРО-ДПМНЕ треба да биде член на комисијата вели дека на овој начин телото ќе може да работи динамично, одговорно и разумно.
„ Во досегашните разговори ВМРО-ДПМНЕ беше сериозно посветена и проактивна. Доставивме пет предлози за претседател на оваа комисија, прифативме два предлози кои доаѓаа од претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов и прифативме еден предлог за претседател на комисијата предложен од страна на СДСМ. Заради договорот помеѓу партиите дозволете ми да не шпекулираме со имиња. Во исто време ВМРО-ДПМНЕ, во повеќе наврати, предлагаше и други форми и формати на формирање, функционирање и одлучување во самата комисија, а кои ценевме дека ќе помогнат во постапката за побрзо формирање на експертската комисија. Исто така би сакал да потсетам дека на 15 март оваа година, ВМРО-ДПМНЕ иницираше потпишување на Меморандум меѓу политичките партии за исполнување на стратешката цел за членство на Република Македонија во ЕУ“, вели Димовски.
Социјалдемократите не гледаат ништо спорно во тоа да се одлучува со консензус, но велат дека овој механизам може да биде злоупотребен.
„Она што е наш став дека консензусот како механизам за одлучување, особено за настаните пред и на 24ти декември, може да биде злоупотребен како механизам за блокада со која Комисијата никогаш нема да ја заврши својата работа, што не смее да биде ничија цел“, велат од партијата.
Засега нема најава за нова рунда разговори за комисијата на ниво на генерални секретари под покровителство на шефот на државата. Двете страни веќе договорија истакнат правник да биде на чело на Анкетната.