Проект за употреба на нови вакцини и моноклонални антитела
Почнува изработка на проект меѓу Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија и Универзитетот Мичиген, Анн Арбор - Оддел за патологија. Основната цел за проектот е да сe размислува за употреба на нови вакцини и моноклонални антитела кои би ги намалиле метастазите кај пациентите со меланом. Според податоците на Глобокан 2008, во Македонија годишно има околу 170 новодијагностицирани пациенти со меланом од кои околу 80 завршуваат со фатален исход.
Директорката на Клиниката Смиља Туџарова Ѓоргова денеска на прес-конференција истакна дека во соработка со проф. д-р Жанета Николовска Чолеска од Универзитетот Мичиген, која е лидер во областа за испитување на молекуларна таргетна антиканцер резистентна хемотерапија за малигниот меланом, ќе се обидат соработката да резултира со вклучување и достапност на современи лекови и третман кои би биле ставени на позитивната листа на лекови, покриени од Фондот за здравствено осигурување на Македонија, бидејќи станува збор за вулнерабилна група на пациенти.
Туџарова нагласи дека на пациентите со малигнен меланом неопходно е да им се постави дијагноза кај општ лекар и дерматолог со добропознатата метода - дермоскопија, потоа тој се упатува на хируршко лекување каде истовремено се вади и жлезда стражар во соработка со патофизиолози.
- Верификацијата на извадениот материјал се поставува на Институтот за патологија каде што соработуваме со проф. д-р Гордана Петрушевска. Пациентите со метастази се третираат на Институтот за онкологија. Пациентите се третираат со имунотерапија, а во терминалниот стадиум со цитохемотерапија завршуваат во последните мигови од нивниот живот. Проектот има за цел во својата завршна фаза да поттикне изградба на центар за тешки, хронични, болни и лица кои се во последните мигови од животот и кога нивните семејства не се во состојба да им ја пружат соодветната нега, рече Туџарова.
Претседателот на Здружението Борка, Биба Додева рече дека веќе шест години се борат за правата и подигнување на стандардот на третман на пациентите со малигнен меланом во Македонија.
- Како и до сега ќе се трудиме да бидеме мост помеѓу пациентите од едната страна и здравствените власти и институции од друга страна со цел преку заеднички дијалог да се избориме за подобрување на третманот и имплементирање на нови, современи начини на дијагностика и третмани со докажан бенефит кај пациентите, истакна Додева.