Македонската Влада вложи над една милијарда евра во инфраструктурата

 

Премиерот Никола Груевски денеска се обрати на јубилејот - 45 години од формирањето на Друштвото за патишта на Република Македонија, каде истакна дека сите имаат добробит од владините заложби за инвестирање во инфраструктурата. Тој потсети дека во изминатите неколку години, во македонската инфраструктура се вложени преку една милијарда евра.

Градежништвото е главен двигател во македонската економија, а отвора и нови работни места - патиштата ќе ги градат фирми кои ќе ангажираат минимум 51 отсто македонски работници. 

Според Груевски, од 2006 до 2013 година се изградени, реконструирани или рехабилитирани преку 1000 километри патишта. Реконструирани и изградени се 469 километри автопати во вредност од 92 милиони евра, како и 302 локални патни правци, со должина од 586 километри чија изградба и реконструкција чини 45 милиони евра. За оваа и следните години тој најави крупни инвестиции во инфраструктурата низ цела Македонија.

-Во 2013-та година започнаа проекти на изградба и реконструкција на 62 километри патишта со вкупна вредност од 32 милиони 680 илјади евра. Во 2014-2015-та година ќе започнат проекти за изградба, реконструкција или рехабилитација на нови 63 километри на патишта во вкупна вредност од 35 милиони  евра. Истите се однесуваат на делниците Велес-Катланово, Миладиновци-Куманово, Неготино-Демир Капија и Смоквица-Гевгелија, комплетирање на делницата на ниво на автопат. На ова претходеше изградбата на обиколницата околу Скопје и дел од автопатот „Александар Велики“. Сите овие планови не ги опфаќаат трите големи проекти: Изградбата на автопатот Демир Капија-Смоквица во должина од 28 километри, автопатот Миладиновци-Свети Николе-Штип, 47 километри и автопатот Кичево-Охрид, 57 километри, истакна Груевски.

Вкупната должина на овие три автопатишта е 132 километри, а нивната вкупна вредност околу 790 милиони евра.

-Овие автопатишта, заедно со останатите локални и регионални патишта кои ќе се градат и реконструираат во периодот 2014-2018 година, претставуваат инвестиција од над една милијарда евра. Ваков инвестиционен бран во инфраструктурата никогаш се нема случено во Република Македонија, рече Груевски на денешната свеченост по повод 45 години од формирањето на Друштвото за патишта на Република Македонија.

Свое обраќање на свеченоста имаше и министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески. Тој пред присутните истакна дека се издвоени 30 милиони евра за патни делници и за реконструкција на мостовите во Македонија. Тој издвои дека едни од најважните инвестиции во инфраструктурата се работата на Коридорите 8 и 10, каде се работи со полно темпо.

09.01.2014 - 13:08
Фото: 
МИА

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега