Грипот „кутна“ 366 лица за само една недела

 

 

Во Македонија во текот на првата недела од 2014 година бројот на заболени лица од грип изнесува 366. Според податоците на Институтот за јавно здравје, оваа бројка е за 2,6 пати поголема во однос на лани.

Во однос на просечниот број заболени за оваа прва недела во изминатиот 10-годишен период (1.172), се регистрираат 3,2 пати помалку заболени лица.

Вкупниот број на заболени од грип во Македонија од почетокот на сезоната 2013/2014 (40 недела, 2013) заклучно со првата недела 2014, изнесува 1.343 лица. Во овој период нема регистрирани смртни случаи асоцирани со инфекции со вирусот на грип.

Во споредба со истиот период минатата година (740), постои зголемување на вкупниот број заболени лица за 81,5 отсто, а во однос на просекот за 10-годишниот период (1.423) се регистрира намалување на бројот на заболени во оваа сезона за 5,6 отсто.

Евиденцијата на заболените од грип по месеци укажува дека во декември пријавени се најголем број случаи со симптоми на грип (606 случаи или 45,1 отсто, додека само во првата недела од јануари 2014 година, пријавените 366 случаи чинат 27,3 отсто од вкупниот број заболени во целата сезона 2013/2014.

Од Секторот за контрола и превенција на заразни заболувања при Институтот за јавно здравје, информираат дека најголем број заболени лица (324) се регистрирани на територијата на општина Куманово.

Во сезоната 2013/2014 најголем број заболени лица од грип се пријавени во возрасната група од 15-64 години (770).

Во текот на првата недела од 2014, како што велат од Институтот за јавно здравје, пристигнати се три материјали за тестирање во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ и трите се негативни. Од почетокот на сезоната 2013/2014, во оваа лабораторија се пристигнати вкупно 26 хумани материјали од здравствените установи - од амбулантски и болнички лекувани пациенти, од кои 6 или 23,1 отсто биле позитивни на вирусот на инфлуенца А/Х1.

Бројот на пријавени случаи на грип и заболувања слични на грип во Македонија бележи континуиран пораст и, посочуваат од Институтот за јавно здравје, се очекува овој тренд на пораст на активноста на вирусот на грип да се одржува во наредните недели и месеци. 

09.01.2014 - 12:46

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега