Курц: Грција да престане да ги блиокира евроинтеграциите на Македонија

 

Прашањето за името не треба да биде пречка за евроинтеграцијата на Македонија и Австрија се надева дека за време на грчкото претседавање со ЕУ ќе бидат остранети блокадите за почеток на пристапните преговори.

Ова го изјавил шефот на австриската дипломатија Себастијан Курц, откако вчера во Брисел се сретнал со еврокомесарот за проширување Штефан Филе и високиот претставник на Унијата за надворешна и безбедносна политика Кетрин Ештон.

Тој истакнал дека Виена очекува спорот за името да биде решен и Атина веќе да не ја попречува интеграцијата на Македонија во ЕУ.

Според информациите кои ги пласираат австриските медиуми, Курц јасно го изнел ставот во врска со грчката блокада на македонските евроинтеграции. Тој оценил дека мора да биде во интерес на Владата на Грција да постигне успех за време на своето претседавање со ЕУ и дека се надева на решение за прашањето на Македонија. Јавна тајна е, вели Курц, дека имиџот на Грција во ЕУ не е секаде најдобар.

Како што јавуваат австриските медиуми, Филе побарал помош од Австрија „бидејќи ја гледа Австрија како силен партнер во однос на прашањето за проширување на Унијата кон Западен Балкан“.

Интеграцијата на земјите од Западен Балкан во ЕУ е приоритет на австриската надворешна политика, изјавил Курц за австриските медиуми. Во тој контекст, објаснил тој, целта на Австрија е Албанија уште оваа година да добие статус на земја-кандидат за членство, а од Србија која наскоро ги започнува пристапните преговори очекува да ги спроведе потребните реформи.

Курц признал дека Австријците не се воодушевени од идеата во ЕУ да влезат држави како Србија, Црна Гора или Македонија, но,  смета дека интеграцијата на Западен Балкан е всушност мошне значајна бидејќи развојот на тие држави влијае и на Австрија.

- За Австрија е од исклучително значење колку е тој регион стабилен. Перспективата за пристапување во Унијата отсекогаш била мотор на реформите, истакнал Курц и додал дека е неопходно кандидатите да ги исполнат критериумите за пристапување во ЕУ, објаснил Себастијан Курц.

08.01.2014 - 11:57

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега