Клиниката за нефрологија доби нов систем за подобро лекување и нега на бубрежно болните

Нов систем за реверзна осмоза, која значително ќе го подобри квалитетот на лекувањето и негата на болните со хемодијализа е пуштен денеска во употреба на Клиниката за нефрологија.

Директорот на Клиниката за нефрологија Александар Шиколе изјави дека станува збор за нова постројка за обработка на водата за хемодијализа, која заменува 20 години стара опрема која подолго време ја употребувале.

- Квалитетна вода за хемодијализа е многу важна за процесот на лекување на пациентите по својот хемиски состав, по микробиолошки состав таа мора да задоволува строги стандарди пропишани во ЕУ и во американската фармакопеја. Постројката од германско потекло овозможува секогаш да имаме квалитетна вода за дијализа. Оваа постројка има и технолошки напредок-овозможува и континуирана топлотна дезинфекција на системот за дистрибуција на водата, рече Шиколе.

Се работи за нова постројка за обработка на водата која ќе овозможи квалитетна вода за дијализа. Првпат во Македонија се воведува топлотна дезинфекција на системот за дистрибуција на водата. Класичниот начин на обработка на вода е присутен и во другите центри за дијализа. Инвестицијата вредна 3,9 милиони денари е обезбедена од буџетот на Клиниката.

- Во Македонија околу 1.400 пациенти се лекуваат со хронична хемодијализа и се распоредени релативно добро во мрежата за дијализните центри низ државата. Квалитетот на дијализата е задоволителен, истакна Шиколе.

Никола Исајловски од фирмата „Флуид проект“ која ја конструира постројката за хемодијализа рече дека системот за производство на вода и системот за дистрибуција на вода до дијализните апарати е комплетно нивни проект.

- Во принципот на проектирање, градење и одржување, фирмата е 20 години присутна и сметаме дека ваков центар заслужува 24-часовен сервис 365 дена во годината затоа што се работи за исклучително одговорна работа од нивна страна и вреден објект за пациентите. Најважна придобивка во системот е што е модуларен и во него може да работат поголем број апарати, и се овозможува подобра услуга 24 часа во денот, додаде Исајловски.

04.01.2014 - 13:28
Фото: 
А1.он

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега