Јанев и Малиос во Атина: Зајакнување на граничната безбедност и борба против организираниот криминал

 


Начините за зајакнување на заштитата на заедничките граници преку размена на информации и усвојување на современи методи за надзор, соработката меѓу полициите на двете земји, како и зајакнување на каналите за комуникација, биле во фокусот на средбата во Атина на началникот на грчката полиција Димитриос Малиос со директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев, јави дописничката на МИА од Атина.

Како што соопштија од грчката полиција, на средбата на маргините на 52-та Европска регионална конференција на Интерпол Малиос и Јанев акцентот го ставиле и на важноста од ефикасна соработка меѓу двете страни, а била спомената и потребата од дополнително зајакнување на меѓународната полициска соработка, „што претставува одлучувачки фактор во справувањето со организираниот криминал“.

- Беше истакнато дека консолидацијата на стабилни канали за комуникација и зајакнувањето на меѓусебната доверба меѓу двете земји претставуваат основни столбови на модерна и ефикасна меѓународна полициска стратегија. Во оваа насока, началникот на грчката полиција доби официјална покана да ја посети Северна Македонија, соопштија од грчката полиција.

Директорот на БЈБ преку социјалните мрежи вчера информираше дека на маргините на конференцијата во Атина, одржал низа конструктивни средби, меѓу кои и со генералниот секретар Валдеси Уркиза и делегации од Јапонија, Германија, Литванија, Турција, Швајцарија и Луксембург.

Со Уркиза разговарале за стратешките и оперативни цели, имплементацијата на современи дигитални алатки во полициските системи, како и за отворена и брза комуникација помеѓу службите за спроведување на законите, а особено го потенцирале придонесот на македонските полицајци и експерти во тековните и идните активности на Интерпол.

- Фокусот на средбите со останатите делегации беше зајакнување на меѓународната соработка преку споделување искуства и знаења, со цел поедноставување, подобрување и модернизација на полициската работа, процеси во кои дигитализација на системот ќе придонесе за побрзи и поквалитетни резултати и во истрагите и во целокупното полициско работење, напиша Јанев на Фејсбук.

04.06.2025 - 11:51

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега