Анкета: Граѓаните ја загубија довербата во ЕУ

 

Должничката криза ги погоди до таков степен европските граѓани што тие ја изгубија вербата во ЕУ, покажува истражување на американскиот институт „Пју“.

Во анкетата учествувале 7.600 лица од осум европски земји. Тие биле анкетирани во периодот од 2 до 27 март.

Резултатите покажуваат дека одобрувањето за ЕУ опаднало за 15 проценти за една година, односно од 60 проценти во 2012, на 45 проценти оваа година.

Во таа насока води Франција каде што разочарувањето од ЕУ се зголемува. Пред една година 60 отсто од Французите ја поддржале Унијата, а сега тие едвај се 41 процент. Во Шпанија падот е од 60 на 46 проценти, а во Грција од 37 на 33 отсто.

На прашањето во однос на состојбата на економијата, 91 отсто од Французите сметаат дека нивната економија оди во лоша насока, што е за десет проценти повеќе во споредба со минатата година.

Над 77 проценти од Французите се убедени дека европската економска интеграција е причина за влошување на положбата во Франција. Вкупно 58 проценти од Французите велат дека ЕУ како институција остава лош впечаток кај нив.

На прашањето дали економските услови се добри, едвај еден процент од Грците, три отсто од Италијанците, четири проценти од Шпанците, девет од Французите одговориле позитивно.

Само во Германија 75 проценти ги определуваат сегашните економски услови како позитивни.

Во однос на довербата во европските лидери 74 отсто ја одобруваат работата на Ангела Меркел, што е за шест точки пониско од минатата година, но сепак е стабилно. На второ место е Дејвид Камерон со едвај 37 проценти одобрување.

Најлошо се оценети лидерите во Грција, Италија и Чешка.

најчитано сега