Седници на четири собраниски комисии
Денеска во македонското Собрание седници ќе офржат Законодавно-правната и комисиите за економски прашања, за образование, наука и спорт и за финансирање и буџет.
Пред Комисијата за економски прашања се измените и дополнувањата на законите за трговски друштва, за возила и за едношалтерски систем и водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица, сите по скратена постапка.
Комисијата за образование, наука и спорт ќе расправа по предлог дополнувањата на Законот за основање Државен универзитет „Гоце Делчев“ во Штип, како и по измените на Законот за основање Универзитет за информатички науки и технологии „Свети Апостол Павле", двата по скратена постапка.
На дневен ред на Комисијата за финансирање и буџет се измените на Законот за задолжување на Република Македонија со заем кај Европската банка за обнова и развој по Договорот за заем за Проектот за изградба на автопатот на Коридорот 10, на делницата Демир Капија – Смоквица и Предлог законот за гаранција на Република Македонија на обврските по Договорот за заем за Проектот за изградба и инсталација на електронски систем за наплата на патарини долж Коридорот 10, кој ќе се склучи меѓу Европската банка за обнова и развој и Јавното претпријатие за државни патишта, двата по скратена постапка.
Членовите на Законодавно-правната комисија ќе ги разгледаат дополнувањата на Законот за основање Државен универзитет „Гоце Делчев“ во Штип, измените на Законот за основање Универзитет за информатички науки и технологии „Свети Апостол Павле”, како и измените и дополнувањата на законите за возила, за трговски друштва, за едношалтерски систем и водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица, сите по скратена постапка. На дневен ред се и измените на Законот за задолжување на Република Македонија со заем кај Европската банка за обнова и развој по Договорот за заем за Проектот за изградба на автопатот на Коридорот 10 на делницата Демир Капија - Смоквица и Предлог законот за гаранција на Република Македонија на обврските по Договорот за заем за Проектот за изградба и инсталација на електронски систем за наплата на патарини долж Коридорот 10.