Предлог законот за работно ангажирање на лица пред пратениците

 

Собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика денеска ќе одржи седница, на чиј дневен ред е Предлог на законот за работно ангажирање на лица, во второ читање, поднесен од група пратеници. За Предлог-законот поднесени се вкупно 24 амандмани.

Тони Јаревски, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, во името на предлагачите, на 16 април на јавната расправа појасни дека во членот 5 во Законот е наведено дека во земјоделството, шумарството и рибарството, во објектите за сместување, сервисни дејности за храна и угостителството може работно да се ангажираат лица и тие да се од сезонски карактер. Работно ангажирано лице согласно овој закон може да биде лице кое не е во работен однос, вработено лице, самовработено лице, лица помлади од 18 години кои согласно општите прописи од работните односи ги исполнуваат условите за засновање на работен однос, студент, корисник на семејна и старосна пензија, со исклучок на корисници на семејна пензија по основ на неспособност за работа и странец кој има регулиран престој во земјава.

Работно ангажираните лица, како што појасни Јаревски, нема да ги изгубат стекнати права по посебните закони.

- Што е предноста на овие ангажирани лица? Прво, нивниот ангажман ќе може да биде извршен брзо и ефикасно за разлика како што сега имавме административни процедури кои одземаат време и потешкотии. Ова законско решение предвидува и изработка на електронска апликација со кое што пријавувањето на ангажманот ќе биде брзо и ефикасно. Во самата евиденција јасно законот го препишува кои елементи и податоци треба да бидат опфатени при самата пријава. Истата апликација ќе може да врши и генерира различни типови на извештаи кои се потребни не само за работодавачот, не само за работно ангажираното лице кое што ќе може и користи, но исто така и за сите инспекциски служби согласно законот. Притоа, регулирана е исплатата на придонесите и исплатата на дополнителното здравствено осигурување. Мораше да се мисли и на заштита на работодавачите, но и на работно ангажираните лица. Она што е многу важно да се напомене работно ангажираните лица нема да ги губат стекнати права по посебните закони. Студентите нема да ја губат својата стипендија. Невработените лица нема да ја изгубат помошта по однос на невработеност и што е многу важно нема да бидат избришани од регистарот на невработени лица. Корисниците на старосна пензија нема да ја изгубат својата пензија. Тоа беа причините што најчесто досега беа како мотиви работниците ангажирани на условно кажано на црно да не сакаат да бидат пријавени иако работодавачите сакаа да ги ангажираат, рече Јаревски.

Како што стои во образложението објавено на собраниската веб-страна, донесувањето на Законот за работно ангажирање на лица во одредени дејности ќе придонесе за подобрување на севкупните економски односи, сузбивање на неформалната економија и подобра контрола на спроведување на трудовото законодавство. Со овој пропис, како што се посочува, се регулира начинот на воспоставување на работни ангажмани со или без прекини кои ќе имаат значајна улога за вклучување на одредени категории лица во рамки на формалната економија.

На 16 април на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика се одржа јавна расправа по овој предлог-закон. Дел од панелистите на оваа седница од надлежни институции ги истакнаа своите сугестии и предлози во насока на подобрување на законското решение.

Александар Николовски, претседател на Универзитетското студентско собрание при УКИМ истакна дека се залагаат за закон со кој ќе им се овозможи на студентите да работат во текот на целата академска година без притоа да ги изгубат правата што им следуваат како студенти. 

Според Ромео Костадинов од Сојузот на стопански комори, мора да се подобри ова законско решение и да се разгледуваат уште еднаш одредбите од законот.

Предлог на законот за работно ангажирање на лица e на дневен ред и на Законодавно правната комисија. 

30.04.2025 - 08:07

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега