Намален е бројот на годишни пријави за семејно насилство во Куманово
Намален е бројот на годишни пријави за семејно насилство во кумановската полиција, информираа денеска од СВР Куманово. Во 2024 година биле евидентирани 348 пријави, што е намалување за 56 во однос на 2023-тата година кога имало 404 пријави.
- Во пријавените кривични дела од семејно насилство обично како жртва се појавува жена над која е употребена физичка сила од страна на сопруг, вонбрачен другар, разведени или во процес на бракоразводна постапка. Во одредени настани сторителите биле под дејство на алкохол, антидепресивни лекарства и психотропни супстанции, и се заканувале со огнено, ладно оружје или тврди предмети, информираше полицијата.
И од кумановскиот Центар за социјални работи информираат дека има намален број на пријави. Според податоците на Центарот, најчесто жените се жртви на семејно насилство, повозрасни членови на семејствата и децата. Од СВР Куманово информираат дека поретки се случаите каде семејното насилство е извршено од страна на син над мајка – татко, татко и мајка над син, или внук над баба. Во тие случаи како причина за насилство се наведуваат побарување на парични средства заради набавка на наркотици, имотно правни неразрешени односи и друго.
- Зајакната е свеста за пријавување. Жртвите се охрабруваат. Децениските кампањи на институциите, како и објавите на медиумите придонесоа жртвите да не се плашат и да пријават. Сепак, сè уште има случаи кога во последен момент жртвите најчесто заради економската независност, неподдршката од семејството, роднините, пријателите, жртвите ја повлекуваат пријавата, изјави социјалниот работник, Елизабета Ангеловска, водител на случај во Центар за социјална работи, Куманово.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа