Се “готват“ нови километри патишта во 2014 година

Почеток на изградба на новите автопатишта Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид, продолжување на градежните активности на автопатската делница Демир Капија – Смоквица, реконструкција на железничката делница Куманово-Белјаковце - ова се клучните проекти во патната и железничката  инфраструктура предвидени за 2014 година.

Ќе се градат нови 104 километри автопатишта

За февруари е предвиден старт на изградбата на автопатиштата, инвестиција од околу 600 милиони евра, обезбедени преку  кинеската ЕКСИМ банка и  државниот Буџет.  Тој проект треба да донесе нови 104 километри автопатишта. 

Кинеската компанија „Синохидро Корпорејшн Лимитед“ што ќе ги гради новите делници  веќе собира понуди од домашни изведувачи за  вклучување во градежните работи, согласно обврските од договорот.  Во Свети Николе ќе подигнат градежен камп  за сместување на инжинерите и целокупната логистика од македонските градежни фирми.  Паралелно се одвива и  експропријацијата на земјиштето. 

Во 2014 треба да продолжат активности за изградба на автопатот Демир Капија Смоквица, во должина од 28 километри,  проект со вредност од 280 милиони евра.  Досега се реализирани 36 проценти од предвидените активности.

Агенцијата за државни патишта за 2014 и 2015 година  најавува изградба на 100 локални патишта со должина од 200 километри и инвестиција од 20 милиони евра.  Во 2013 година заврши изградбата на 145 километри локални патишта, во вредност од 13,4 милиони евра, како и на 14 магистрални и регионални патни правци во должина од 148 километри, во вредност од 1,610 милиони денари.  Моментно се работи и на проектирање на 193 километри патишта во вредност од 11 милиони евра. Во следниот период предмет на проектирање треба да бидат 121 километар.

Вложувања во железничкиот сектор

Годинава, најавуваат надлежните институции, ќе биде посветена и на инвестиции во железничкиот сектор. По повеќедеценискиот застој во вложувањата во железницата, се најавува реконструкција на пруги, реализација на набавки за обнова на возниот парк и модернизација на железничките станици.  

За март се најавени градежните работи за реконструкција на железничката делница Куманово – Бељаковце во должина од 31 километар, на источниот дел од Коридорот 8.  Тоа е единствената изградена делница од предвидените три за пругата кон Бугарија. По 20 години застој, се очекуваат градежни активности за реализација на идејата за железничко поврзување на Македонија и Бугарија. За обнова на Куманово-Белјаковце, се предвидени 39.753.000 евра, обезбедени преку кредит од ЕБОР.  Градежните активности ќе ги изведува германската компанија „Вибе“, која како и кинескиот инвеститор  за автопатиштата, најави ангажман на локално население и користење домашни материјали.

Во тек се активности за подготовка на документација и обезбедување пари и за останатите две делници Бељаковце – Крива Паланка во должина од 34 километри за што се потребни 144 милиони евра, и Крива – Паланка – Деве Баир во должина од 24 километри, која според проценките ќе чини околу 360 милиони евра. Се планира и објава на повик и  склучување договор за изградба на пругата Битола-Кременица.

Во железничкиот сектор се најавени инвестиции и во обнова на возниот парк. Потпишан е договор со словачката компанија „ЖОС Трнава“ за набавка во вредност од околу 13 милиони евра со која МЖ „Транспорт“ ќе добие 75 отворени вагони и исто толку плато вагони. Првата пратка со вагони треба да стаса во текот на годинава.  Во МЖ Транспорт во тек е набавка и на шест нови железнички гарнитури за патнички превоз, за што се очекува во јануари да заврши евалуацијата на финансиските понуди.

Нов лик на железничките станици

На почетокот на годинава се очекува да заврши постапката за избор на градежна компанија и да почнат активностите за целосна реконструкција на Железничката станица во Скопје, која до 2015 година  треба да добие целосно нов лик.  Проектот се реализира со помош на ЕУ, со финансии во износ 2,5 милиони евра, од кои  85 проценти  се од ИПА фондовите, а 15 проценти домашно финансирање. Реконструкцијата  се случува по цели 33 години, односно од  изградбата на Железничката во 80-тите години. Со средстава од ИПА се планира реконструкција на уште 10 железнички станици долж Коридорот 10, Велес, Прилеп, Битола, Гевгелија, Богомила, Чашка, Табановце, Демир Капија, Градско, Неготино – Вардар.

01.01.2014 - 10:49

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега