Попоски: 2014-та година на очекувања во однос на стратешките цели

Новата 2014 година за Република Македонија на надворешно-политички план ќе биде година на очекувања во однос на стратешките цели. Во контекст на евроатлантските интеграции ќе се фокусираме на она што зависи од нас со трикратно зголемување на напорите, а тоа се реформите. Интензивно ќе работиме и на градење позитивна клима во соседството и во регионот, како и на економската промоција на земјата. Тие се трите приоритети: силни реформи, пријатно соседство и економска промоција, вели министерот за надворешни работи, Никола Попоски во новогодишното интервју за МИА

 Тој најавува дека интензивно ќе се работи и на градење позитивна клима во соседството и во регионот, бидејќи, како што вели, таа зависи од нас. 

- Не можеме да очекуваме дека некој од Скандинавија ќе дојде и ќе ни направи скандинавски услови на соработка во регионот. Тоа треба да потекне од нас. За РМ тоа е исклучително важно и поради географската поставеност и поради економските врски кои ги имаме со сите околу нас дека ако некој има интерес од добра меѓурегионална соработка во регионот, тоа е сигурно Република Македонија. Ќе работиме и на премостување на оние предрасуди од кои многу сме пателе во минатото и висок цех сме платиле да бидат пребродени, но и кон што е можно поголем број на проекти кои имаат прекугранична димензија, вели Попоски за МИА.

На тема иницијативата на претседателот Ѓорге Иванов за ефектуирање на пресудата од Хаг, Попоски вели дека иако таа ја одразува фактичката состојба, повеќе фактори ќе влијаат на идните чекори.

- Не би сакал да предскажувам како ќе се движат работите во иднина. Дали ќе се одлучиме за пат кој е повеќе институционален и ја одразува онаа процедура, која е дефинирана во ОН зависи исто така и од факторите кои носат одлуки во ОН. Не би сакал тоа да го ставам во една равенка во која се работи исклучително за одлука на Република Македонија, туку се работи за потреба на самите ОН да го придвижат овој спор. Пораките одат во таа насока дека и сите оние кои можеби не се директно засегнати од овој спор имаат интерес да видат дека ќе се внесе некаква динамика во тој процес, дека нешто е потребно да се направи за да може тој да се придвижи, истакнува Попоски.

Наш приоритет, додава шефот на македонската дипломатија, е да ја намалиме конфликтноста и зголемиме предвидливоста за соработка. Во општества кои се водат од владеење на правото, лекот е во почитување на правните норми, дури и кога се бараат политички решенија.

31.12.2013 - 12:43

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега