Груевски: Ќе продолжиме да градиме нови патишта

Во 2013 година се изградени и темелно реконструирани 144 локални патишта со должина од 145 километри и 14 регионални  и магистрални патишта во должина од 150 километри, а во 2014 ќе има нови 75 локални патишта исто така во должина од 145 километри и голема должина регионални патишта, вели премиерот Никола Груевски во новогодишното обраќање, осврнувајќи се на веќе реализираните проекти во патната инфраструктура и плановите за наредната година.

Според Груевски, последната делница од автопатот Александар Велики се гради без застој, а со НР Кина се направи аранжман за два нови автопата, од Скопје до Штип и од Кичево до Охрид чија градба треба да почне за околу два месеци.  Се потпиша и договорот за градба на железницата кон Бугарија чија градба  треба да почне во наредните два-три месеци, а пругата на Коридорот 10 се ремонтира за да се вози со брзина од 120 километри на час. Премиерот потсетува и на склучените договори за набавка на 150 товарни вагони и најавува дека следува потпишување и за нови патнички композиции, како и реконструкција на поголемите железнички станици. 

- Во 2014 меѓу останатото започнува и градбата на ХЕ Бошков Мост и Луково поле, а се чини овој пат има интерес од концесионери за ХЕ Чебрен како никогаш досега.  Во 2014 ќе имаме градба на гасоводна примарна мрежа, а во јануари ќе се отвори и јавен повик за концесија на секундарната гасификација, вели првиот човек на македонската Влада.

Во 2013, посочува,  успеавме, како што ветивме, за 5 осто да ги зголемиме пензиите за пензионерите и социјалната помош, а во март следната година за нив се предвидени нови 5 отсто зголемување. 

 - Во септември 2014  ќе има зголемување  за 5 отсто и на платите во администрацијата, во време во кое во повеќето други земји или се замрзнати или се намалуваат.  Не ги заборавивме ниту ранливите категории лица и како никогаш досега се вработуваат 1.600 лица од категориите долгорочно невработени, лица кои немаат вработен во семејството, невработени од многудетни семејства и невработени самохрани и еднородителски семејства, а во тек е вработување во јавниот сектор на 300 хендикепирани лица, наведува Груевски.

Тој наведува дека само во 2013 е обезбедено вработување на 83 деца излезени од дом за деца без родители, за кои претходно се направени и многу други чекори како обезбедувања станови, средства за студирање и друго. Истакнува дека е зголемен и посебниот додаток за самохрани родители кои имаат деца со пречки во развојот за 50 отсто и оти од 1 јануари ќе почне исплатата на новите додатоци за стопроцентно глуви лица и за квадриплегичари.

Го акцентира и формирањето на фондот за подршка на иновациите преку кој од средината на 2014 ќе почне распределбата на грантовите за конкретни иновативни проекти. 

Според Груевски, во земјоделството продолжува силната подршка од Владата. Ако во 2013 се распределени 135 милиони евра, веќе во 2014 планирани се нови 140 милиони евра за натамошен напредок на македонското земјоделие, нагласува премиерот.

Тој посочува дека легализацијата на објектите за земјоделска намена и подршката за креирање земјоделски задруги како и подобрувањето на квалитетот на семениот матерјал и вештачките ѓубрива се фокус на внимание на Владата со кој се очекуваат уште повеќе приноси. - Се донесе и закон со кој земјоделците можат да си го купат земјиштето кое го имаат под концесија. Наводнувањето е огромен предизвик на кој ќе работиме во 2014та но и во годините по неа, подвлекува Груевски.

Се осврнува и на активностите во обарзование, истакнувајќи дека стартувало успешно екстерното тестирање на учениците, донесени се јасни правила за сместување во студенските домови и се спроведуваат, се градат спортски сали и спортски терени, се градат и реновираат училишта и градинки... Склучивме и договор со Универзитетот Кембрич кој постепено во наредните 5 години ќе ги промени учебниците и наставните програми со најсовремени, најавува Груевски.

Според него, грижата за македонското здравство како во 2013 ќе продлжи и во 2014.  - Освен огромните набавки на опрема и реконструкции и градби на нови болници, посебно се фокусиравме на подобрување на квалитетот на услугата на пациентите преку воведување на проектот за плаќање на лекарите по учинок и преку масовни обуки на лекарите и медицинскиот персонал за нови методи за работа кои се користат во најпрестижните медицински центри. Се воведува неонаталната кардиохирургија,  се намалија цените на лековите, започна градбата на Пет центарот и детската клиника Козле, а за неколку месеци стартуваат и градбите на комплексот клиники Мајка Тереза, штипската и кичевската болница, големи зафати се направија и во Тетовскиот медицински центар а почнува и спроведувањето на концесијата на дијализите која треба да ја подобри услугата во тој дел, наведува премиерот.

Во освртот за сработеното Груевски набројува и дека стартуваше дигитализацијата, се воведуваат 4Г фреквенции,  како и проектите мој термин во здравството, е-потсетник за граѓаните и повеќе други проекти од делот на информатичките технологии,  а донесен е и Закон за инспекциски надзор кој ќе даде нов квалитет на правилно испекциско работење.

Во Парламентот, посочува, е и законот за администрација со кој се предвидени револуционерни промени во оваа област во делот на давање предност за влез на најспособните и мотивација на луѓето во администрацијата преку континуирани обуки и награди за најдобрите. 

- Се донесе и законот за медиуми по долги преговори со новинарската фела, и со компромис по клучните прашања. Бројот на туристите во Македонија повторно значително порасна, а за 2014-та се очекува нов рекорд на странски туристи. Пред нас е година кога очекуваме да почне градбата на становите за АРМ  и да заврши градбата на новиот центар за обука на пилоти.  Борбата против криминалот и корупцијата беше и ќе остане цврста и неселективна, истакнува Груевски во новогодишното обраќање.

31.12.2013 - 12:15

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега