Што значи „пумпај“ и како тој збор стана мото на студентските протести во Србија

 

Кога сношти студентите од различни колони од Србија пристигнуваа во Белград, низ улиците на српскиот главен град исполнети со десетици илјади луѓе ечеше еден збор – ПУПМАЈ. Што значи „пумпај“ и како тој збор стана лајтмотив на студентските протести против корупцијата во Србија.


 

На почетокот на четиримесечните протести тој можеби звучеше како тривијалност или не толку смешна интернет шега, но брзо прерасна во препознатлив знак на отпор на студентите и граѓаните што ги поддржуваат.

Со секое скандирање, секогаш кога ќе се појави на транспарент, „пумпај“ ги преминуваше границите на баналноста и стануваше повеќе од фраза, за на крајот да стане ентитет сам по себе.


Српскиот „Неделник“ пишува дека така „пумпај“ го најде својот пат до сржта на протестот, не само како слоган, туку како симбол на актуелната борба, на став и несогласување, на бунт. На улиците, на социјалните мрежи, меѓу студентите, пензионерите, актери, просветните работници и пошироко, овој израз, спонтан, но однапред осмислен, создаде атмосфера која е и сериозна и забавна.

Како овој слоган стана незаменлив дел од општествено-политичкиот бунт во Србија?

Како што обично се случува со виралните феномени, приказната за „пумпање“ на протестите не започна од таму каде што се очекува во вакви ситуации. На социјалните мрежи во Србија имаше дебата за тоа од каде студентите го прифатија овој израз.

„Неделник“ пишува дека според пребарувањата на интернет и социјалните мрежи, „пумпај“ потекнува од 2022 година, од традиционална српска свадба.

На видеото се гледа турбо-фолк пејачот Дарко Лазиќ, кому челото му е облепено со девизи, придружуван од хармоникашот Милан Јовановиќ – Јабучанац, како извикува „пумпај!“ во момент на вжештена атмосфера. Оваа снимка, се чини, стана првичната искра што ја создаде основата за она што подоцна ќе стане симбол на уличниот отпор.

Набргу потоа, клипот стана вирален, прво на страниците за музика и комедија на ТикТок и Инстаграм, а потоа и кај пошироката публика која го виде како врвен симбол на енергија и ритам. „Пумпај“ значеше да не се запре – да се продолжи со исто темпо, без пауза, без откажување.

Не долго потоа, се случува неочекуван трансфер – терминот преминува од свадбите и социјалните мрежи до протестите, каде што добива ново значење.

Тоа веќе не е само синоним за забава, туку и за истрајност во борбата за промени. Кога студентите излегоа на улица, „пумпај“ стана она што ги спои, нешто што ги потсети дека не смеат да престанат.

15.03.2025 - 14:06

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега