Беровец во градежна депонија фрлал и закопувал остатоци од починати лица

 

Пред два дена во ОВР Берово било пријавено дека на место викано „Црвени брегови“, атар на Берово, бил забележан лиценциран извршител за погребални услуги во општина Берово како на градежна депонија фрла и закопува остатоци од починати лица, извадени од градските гробишта во Берово, информира Министерството за внатрешни работи.

-Веднаш по добиената пријава, во консултација со јавен обвинител и во содејство со ракувач со работна машина багер од јавното претпријатие за комунални работи во Берово, било извршено пребарување на посоченото место и на пошироката околина, но не биле пронајдени предмети кои потекнуваат од кривично дело, туку биле пронајдени само остатоци од градежен шут и остатоци од отпад.

По дополнително преземени мерки и по извршени разговори во ОВР Берово било дојдено до сознание дека лиценцираниот извршител на погребални услуги во повеќе наврати вршел ископување на стари гробови и ги фрлал остатоците од починатите лица на друга локација, наведено е во соопштението на МВР..

Во него се додава дека, подоцна, по овластување на јавен обвинител, бил извршен увид на гробиштата во с.Смојмирово и на удолницата на јужната страна биле пронајдени пет коски кои наликуваат на коски од човек.

По целосно расчистување и документирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна пријава, пишува во соопштението.

14.03.2025 - 17:40

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега