Манев сведочи за убиствата на Вања и Панче: Дупката ја ископав со Кешишев

 

Со распит на обвинетите за убиството на Вања и Панче, во Основниот кривичен суд Скопје денеска продолжи судењето за  двојното убиство на малолетната Вања и велешанецот Панче кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес. 

Обвинети се Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишев и Александар Ѓорчевски. 

На судењето денеска во Кривичен сведочеше Велибор Манев кој е обвинет како соизвршител. 

- „Со Боре Видевски се познавам од дете од основно. Со Љупчо Палевски се познавам од 2018 година тогаш стапивме во Фејсбук пријателство откако тој имаше потреба од набљудувачи за избори. Подоцна пристапив и во канцеларија така се запознавме и лично, подоцна се приклучив на партијата Трета, и од тогаш до денеска еве сум овде, со неговото знаење и познавање. Со Влатко Кекишев се знам неколку години, беше и тој дел до партијата Трета. Беше како готвач, домаќин, му ги одржуваше канцелариите на Трета и му готвеше на Љупчо Палевски. После тоа дојде тука затоа што му ја даде довербата на Љупчо Палевски, му готвеше без надомест", рече пред судиите.

Вели дека не го знае и никогаш не го видел иАлександар Ѓорчески, а дека го познавал Панче Жежовски.

- "Да го познавав. Работев на негова куќа, пред 15-16 години тогаш ме измами, не ме измами туку едноставно не ми ги плати средствата што требаше да ми ги даде за завршена работа. Бараше камења скапи да се лепат на неговата куќа, резбани, тоа се најскапи во градежништвото. Ми остана должен 1500 евра. Тој кажал на неговите дека должи 500 евра, а всушност беа 1500. Се скаравме тогаш, потоа извадив јас 12-13 квадрати од бекатон плочките што му ги редев, па тој повика полиција, направија записник, ме опоменаа дека не смеам така да постапувам, дигнав раце од се тоа и толку. Уште еднаш отидов кај него во фризерницата, му побарав уште еднаш парите што ми ги должи, ме избрка, дојдов до степен да го тепам, но не го сторив тоа, дигнав раце и оставив на Господ. Тоа беше се од контактот и познавањето со Панче", рече тој.

Призна дека тој ја ископал дупката со Влатко Кешишев, а целта била да се чуваат грабнатите лица и да потоа да се пуштат на слобода откако ќе се изврши наплата.

На изминатото рочиште одбраната на Палевски предложи до Судот да се достави чаурата пронајдена на местото каде што било пронајдено телото на Панче Жежовски за која вештачењето утврдило дека е од оружје калибар 9 милиметри. Воедно, побара пред Судот да бидат повикани две вешти лица за дополнително вештачење на чаурата. Судот по однос на ова барање треба да се произнесе денеска. 

Според обвинението, Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, се обвинети дека заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.

12.03.2025 - 10:47

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега