Член на „Десна“ имал комуникација со Палевски на денот на убиството на Вања – Сведок незаконски снимал разговор во полициска станица

 

Судијата Ивица Стефановски побара одбраната на првообвинетиот Љупчо  Палевски за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, да состави листа во која секој доказ поединечно ќе биде нумериран, за да може судот да се изјасни за повеќето поднесоци за изведување докази.

Како сведок на одбраната денеска беше повикан Зоран Петковски од Куманово, кој е член на комисијата за безбедност во партијата Десна.

Тој рече дека имал комуникација со обвинетиот Љупчо Палевски на 27.11.2023 година, денот кога е убиена Вања Ѓорчевска.

– Ова го знам затоа што на тој ден е роденден на мојата сопруга. Комуникацијата со Палевски беше во раните утрински часови, во време помеѓу 8.20 и 9 часот на таен канал за електронска комуникација преку апликацијата Телеграм, креиран од Љупчо Палевски. Разговаравме за иранските дронови шахиб, за набавка од Србија, трансфер преку Србија од Ирак. Добив задача од Палевски да приберам информации во врска со тоа и да го известам заедно со членовите на Комисијата за безбедност – рече Петковски и додаде дека не знаел каде е Палевски во моментот кога комуницирале преку Телеграм.

Сведокот Петковски рече дека бил повикан во СВР Скопје во полициска станица Пролет, на 05.02.2024 година во раните утрински часови.

– Во телефонски разговор помеѓу началникот на Единицата за насилен криминал Дејан Димовски и Тони Алексовски, в.д. претседател на Десна, бевме повикани да се јавиме на 05.02.2024, во врска со затворањето на просториите во кои се наоѓа седиштето на Десна, на Кузман Јосифовски Питу бр. 6, во Скопје. Поучен од работниот век во безбедносните структури, АРМ и МВР, пред да влезам во полициската станица, иако знам дека не смеам, вклучив уред, диктафон, на кој го снимив целиот разговор. Разговорот течеше крајно коректно и пријателски. Се одвиваше во канцеларијата на началникот Драган Зарински, на кој присустуваше и началникот на Единицата Дејан Димовски и уште еден инспектор кој не се евидентираше. Разговорот траеше час и половина. Откако виде дека се работи за поранешни припадници на безбедносни сили, Тони е професор на воената академија Михајло Апостолски, сега пензионер, а јас бев на Полициската академија во Центарот за обука, разговорот премина во пријателска атмосфера и ни беа изнесувани моменти и информации во врска со кривично-правните настани од 22 и 27 ноември 2023 година во Велес и во Скопје. Некаде во 54. минута од снимениот разговор, инспекторот Зарински ме праша „Го познаваш ли Боре?“ Му одговорив потврдно. Веднаш потоа со десната рака покажа дупка во ѕидот, десно од неговиот работен стол, и ми кажа „Ете тоа е од Боре. И ова не смеам да ти го кажувам, но користевме стари методи за добивање признание.“ Не ми е чудно, затоа што и самиот потекнувам од една таква структура, но сметам дека е битно ако признанието на Боре е изнудено со сила, односно со тепање и мислам дека судот треба да го земе тоа предвид – рече сведокот на одбраната на Палевски.

Сведокот Петковски рече дека инспекторот Зарински рекол дека додека го тепал Боре во канцеларијата, обвинетиот Влатко Кешишев стоел пред вратата и слушал.

– И продолжи со зборовите: „Кога влезе Влатко, ми кажа, Боре и Вељо, тие го внесоа во гепекот, од каде го превезов.“ Се наметна темата за Сејф сити, затоа што јас учествував во изработката на проектот Безбеден град заедно со Израелците – додаде сведокот Петковски.

Обвинителката го праша сведокот дали преку таен канал комуницирал со обвинетиот Палевски на 22.11.2023 во утринските часови, како и со Кешишев, Манев и Видевски, што сведокот го негираше.

– Јас и Палевски се допишувавме – рече сведокот.

– Кое беше вашето последно работно место? – праша обвинителката.

– Офицер за криминалистичко разузнавање и анализа во СВР Куманово. Веќе трета година сум пензионер – рече Петковски.

– Точно ли е дека сте дисциплински казнуван додека сте биле во МВР? – праша обвинителката.

– Не сакам да одговарам на таа тема. Не сакам да одговарам во врска со работите поврзани со службата – рече тој.

– Значи, може да се заклучи дека сте имале постапки додека сте работеле во МВР – констатираше обвинителката.

– Не знам од каде донесовте таков заклучок – рече сведокот.

– Во врска со дупката што ја спомнавте за која велите дека била од Боре Видевски, точно ли е дека не можете да ги опишете нејзините димензии? – праша обвинителката.

– Можам со сигурност да ви кажам, како и местоположбата на самата дупка. Таа беше на 15 сантиметри од крајниот десен агол на работното биро на инспекторот Драган Зарински, со пречник помеѓу 10 и 12 сантиметри, видна вдабнатина во ѕидот кој е од гипс – рече сведокот Петковски.

– Точно ли е дека до таа дупка немаше траги од крв? – праша обвинителката.

– Околу дупката немаше никакви други видливи траги – рече сведокот.

Обвинителката го праша сведокот дали ја чува комуникацијата со Палевски од 27.11.2023 година.

– Не ја чувам затоа што каналот е креиран од Палевски и каналот и комуникацијата после 30 минути се бришат – рече сведокот.

Судијата Стефановски го праша сведокот Петковски дали тоа значи дека Палевски има добри ИТ познавања.

– Јас не сум надлежен тоа да го ценам. Од искуство знам дека Палевски знае да работи со уреди за електронска комуникација. Јас сум ИТ стручњак, специјалист за хидроакустика, електротехничар и сметам дека она што го видов кај него е дека добро владее со ИТ секторот и ги владее средствата за комуникација – рече сведокот Петковски.

Адвокатите на Велибор Манев и на Влатко Кешишев рекоа дека немаат материјални докази за изведување и дека искази ќе дадат самите обвинети.

Адвокатот на Боре Видевски побара да се изведе како материјален доказ аудио снимка од приведувањето на Боре, на која наводно се слуша тортура. Судијата Ивица Стефановски ја одби снимката со образложение дека тортура може да се докаже само со медицински наод.

Адвокатот Владимир Туфегџиќ предложи материјални докази за одбраната на Александар Ѓорчевски, таткото на убиената Вања Ѓорчевска. Тој ги поднесе како докази барањето за доставување информации од Хелсиншкиот комитет од 10.04.2024 година, како и лекарскиот извештај од „Аџибадем Систина“ од 16.05.2024.

Тој предложи доказ кој произлезе во текот на постапката, а тоа се новинарски извештаи на телевизиите Канал 5 и Телма од 27.11.2023, како и изјава на мајката Зорица Ѓорчевска за порталот ММС, во врска со околностите кој прв ја известил јавноста за сомнежи дека Вања е киднапирана.

Како докази се изведоа имотнни листови и договори за солемнизација, договор за дар на недвижност на малолетните Вања и Миња, потврда од „Фершпед“ за работен стаж на осомничениот Ѓорчевски.

Обвинителката даде приговор за доказите за Александар нагласувајќи дека договорот за дар не е солемнизиран.

– Предложените решенија на данок на имот за Вања и Миња Ѓорчевски не се доказ дека лицата се стекнале со имот и се евидентирани во Агенцијата на катастар на недвижности, туку договорот е проследен до Град Скопје, каде се евидентира, затоа што даропримачите се наследници од прв ред и се ослободени од давачки. Град Скопје го проследува понатаму евидентираниот договор и ги назначува лицата како обврзници за данок. Ова не значи и не е доказ дека предметниот стан на улицата Наум Наумовски Борче е заведен во имотен лист како сопственост на Миња Ѓорчевска, ниту станот на Партизански одреди на име на Вања, од причина што, по склучувањето на договорот за дар кај адвокат, задолжителна е постапката да се солемнизира овој договор, да има солемнизирачки нотарски акт, за да биде проследен до Катастар. Таков нотарски акт не е составен до денот на критичниот настан, ниту во Катастар предметниот имот е евидентиран на друго лице, освен на Александар Ѓорчевски – појасни обвинителката.

Таа приговараше и во врска со изјавата на мајката дадена за медиуми затоа што рече дека е пренесување на новинар и како тој гледал на настанот.

Следното рочиште за судењето за убиствата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски е закажано за 05 март 2025 година во 10 часот.

26.02.2025 - 13:11

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега