Од почеток на 2025 многу трагедии во Македонија - Возат пијани и без дозволи
Од почетокот на годината во Македонија постојано се нижат трагедии. Неколку лица беа прегазени и усмртени, а еден од тие случаи е оној кој ја потресе целата македонска јавност кога младата 22-годишна модна дизајнерка од Неготино, Фросина Кулакова, беше прегазена на пешачки премин кај Силбо на Партизанска во Скопје.
Убавата и млада девојка почина на лице место откако на неа на 29 јануари налета Васил Јованов кој возел без возачка, со голема брзина и во алкохолизирана состојба.
Граѓаните организираа протести во Скопје и Неготино, а нејзиното семејство е децидно дека правдата за Фросина ќе биде задоволена и дека ќе одат до крај.
Исто така, завчера несреќа ја потресе Македонија кога беше прегазен пешак на регионалниот пат во близина на селото Колибари кичевско, и за жал усмртен на лице место.
Полицијата информираше дека во 23.15 часот во Полициската станица Кичево било пријавено дека на магистралниот пат Гостивар - Кичево, на крстосница за с.Колибари, кичевско, патничко возило „рено меган“ со кичевски регистарски ознаки, управувано од Р.И.(66) од село Горно Строгомиште, кичевско, удрило во пешак И.А.(66) од с.Колибари.
Исто така, деновиве и убиство ја потресе Македонија, кое следеше по недоразбирање во сообраќајот.
Десетина минути пред полноќ во СВР Скопје на 10 Февруари било пријавено дека на паркинг простор на подрачјето на Чаир, поради претходно недоразбирање во сообраќајот, настанала расправија помеѓу две групи, при што било употребено огнено оружје, едно лице било усмртено, додека две ранети.
Убиениот е 35-годишниот Хабиб Буњаку, син на Екрем Буњаку од ДУИ кој осум години беше директор на Техничка инспекција, а убиството е во фокусот на вниманието на јавноста.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во интервју за "360 степени" даде фрапантни податоци дека за пет дена, од 5 444 исконтролирани возачи во Скопје, констатирани се 2 592 прекршоци, што значи дека речиси секој втор кој што бил запрен, сторил некаков прекршок.
- 195 прекршоци се за немање на возачка дозвола, а вкупно 19 алкохолизирани возачи возеле моторно возило. Речиси секој втор што бил запрен, сторил некаков прекршок. Во овие 195 прекршоци, можеби едно лице и два пати е запрено, но факт е дека овие луѓе никогаш немале положено возачки испит. Дури 19 алкохолизирани луѓе управувале моторни возила за овие пет дена. Нерегистрирани, значи тоа возило не поминало на технички преглед, никој не констатирал дека е во состојба за да биде управувано – 50. И внимавајте, 695 луѓе управувале побрзо од дозволена брзина, изјави министерот за "360 степени".
Вели дека мора да се влезе темелно во проблемот и е дециден дека имаме едни од најстрогите закони за сообраќајни инциденти, но проблем е судската пракса.
Тој најави дека системот „Сејф сити“ треба да профункционира од 1 јануари 2026 година.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа