Излета возот што сообраќа од Гевгелија за Солун - рутата може да остане затворена два месеци

 


Дел од втората локомотива на товарен воз што сообраќал од Гевгелија за Солун, синоќа делумно излетал од шините во близина на градот Поликастро во северна Грција, а според генералниот секретар на синдикатот на вработени во Организацијата на грчките железници (ОСЕ) поради нанесената штета на шините за околу два месеци ќе биде затворена рутата Скопје-Солун, јави дописничката на МИА од Атина.

Од грчката компанија „Hellenic train“ денеска кусо соопштија дека вчера во 21:25 часот во близина на Поликастро дошло до „делумно излетување од шините на задната оска на втората локомотива на товарниот воз 45201, кој сообраќаше на релација Гевгелија – Солун“ и додадоа дека не постоела никаква опасност за безбедноста на персоналот, а компанијата соработува со надлежните органи за да се истражат причините за излетувањето од шините.

Од друга страна, генерален секретар на Синдикатот на вработени во ОСЕ Никос Цикалакис за информативниот портал „Карфица“, објаснил дека екипи се на терен за да се процени ситуацијата и можно е да се затвори станицата кај Идомени за да се санира предизвиканата штета.

– Според првичните информации, штетата е над четири километри, па европската рута на земјава од Скопје ќе биде затворена два месеци, рекол Цикалакис и додал дека ќе постои само линијата од Бугарија и само оваа ќе се користи за меѓународен сообраќај.

Информацијата дека поради штетата на шините, меѓународната линија преку Скопје, се очекува да остане затворена околу два месеци ја пренесе и државната телевизија ЕРТ повикувајќи се на извори од ОСЕ.

12.02.2025 - 16:49

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега