Мицкоски: Трагедијата во која згасна млад живот треба сите нас да нè освести, работите треба системски да се решаваат

 

Работите треба системски да се решаваат, не ад-хок. Ова што се случи е резултат на ад-хок решавање на работите, ад-хок во рамки на позитивната насока, но и на негативната, истакна премиерот Христијан Мицкоски прашан за јавната расправа за законски измени за зголемена безбедност во сообраќајот која е закажана за во петок.

-Овој пример, за жал, каде прерано згасна еден млад човечки живот треба сите нас да нè освести, а најмногу треба прстот на чело да си го стават сите оние кои за да ја зајакнат својата политичка моќ, интервенираа кадровски во рамките на обвинителството и судството. И тоа е нешто кое треба да нè опоменува континуирано – и сега и генерациите кои следат. Грешките некогаш можат да бидат фатални, а видовте како се случи еден дивјак на начин на кој управуваше со моторно возило да одземе еден млад човечки живот. И тоа се случувало во минатото, но она кое го добивам по пораки деновиве, имам уште неколку случаи кои треба да се доистражат, слични на овој или кои можеле да бидат слични. Тоа сè е резултат затоа што немаме системски решенија за вакви работи да не ни се случуваат, рече Мицкоски.

-Јас оние политички некрофили и луѓе кои одлучуваат да печалат политички поени на овој случај, оставам на нивната чест и совест, посочи Мицкоски.

Премиерот најави дека се можни измени во кривичниот законик, а тоа всушност е дел и од преговарачкиот процес.

-Стојам на ставот дека треба да се најде системско решение. Тоа системско решение го гледам во „Безбеден град“, во безбедни автопати и така натаму. И ако успееме еден живот да спасиме, ние сме ја завршиле нашата мисија како политичари, рече Мицкоски.

04.02.2025 - 14:38

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега