Сечеле делови од иконостасот ги корнеле иконите и продавале - детали за кражбата на македонските икони

Македонските експерти Ристо Палигора вработен во НУ Завод и Музеј-Битола и Сашо Цветковски од Музејот во Струга, деновиве извршија посета на безбедносното депо во Националната галерија во Тирана по кражбата на вредните икони меѓу кои и 20 икони од Македонија.

- Од увидот можевме да заклучиме дека иконите се крадени на морбиден начин, од луѓе кои сечеле делови од иконостасот, корнеле икони а потоа ги продавале на италијанскиот пазар. Станува збор за икони со голема вредност како што е на пример иконата со Исус Христос од 16 век која на пазарот достигнува и трицифрени суми изразени во евра. При нашата прва посета, од увидот на 1.077 украдени икони, препознавме и идентификувавме околу 20 икони кои сигурно се од Македонија. За жал, крадците и интервенирале врз иконите, ги избришале заштитните идентификациски броеви кои што ние ги поставуваме, вршеле пребојадисување и други интервенции за да ја затворат трагата. Меѓу украдените, се и икони и опустошени делови од иконостасот од црквата „Св.Богородица“ во битолското село Ѓавато, потоа иконата на „Св.Харалампиј“, иконата на „Св.Василиј Велики“, пронајдовме делови од иконостасот од црквата „Св.Атанасиј“ од преспанското село Долно Перово каде крадците исто така ги исекле Царските двери на шест парчиња за полесно да ги продаваат, а има и други украдени материјали, посочи Палигора.

Посетата на Тирана беше остварена благодарение на меѓусебната соработка на македонската и албанската полиција и отворената истрага преку „Интерпол“ за пронаоѓање на украдени икони и друг црковен материјал бидејќи се проценува дека во последниве три години се украдени околу 400 икони од пограничниот регион на Македонија со соедна Албанија и пренесени во таа држава.

27.12.2013 - 15:19

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа