Ставете си појас за да не го олесните новчаникот
Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патишатата, започнува нова кампања под мотото СтавиПојас во чиј фокус е подигнување на свеста кај учесниците во сообраќајот и намалување на повредите во сообраќајни незгоди со потешки последици, кои може значително или целосно да бидат анулирани со носење на сигурносен појас.
Сигурносниот појас е многу повеќе од само револуционерен изум во возилата, тоа е уред кој секојдневно спасува илјадници животи на патишата во Македонија и ширум светот. Носењето на појас кога управувате со автомобилот е всушност инвестиција во вашето здравје, сигурност и иднина – иднина полна со нови доживувања со саканите и блиските, иднина со уште бројни безбедни километри уживајќи во животот – живот кој нема цена.
Во таа насока, во следниот период, РСБСП ќе делува превентивно и едукативно на возачите и сопатниците на различни начини. За потребите на кампањата се изработени едукативни материјали, кои во рамки на спроведување на кампањата ќе бидат поделени на учесниците во сообраќајот.
Кампањата ќе се реализира на територијата на цела држава, преку непосредно учество на терен на РСБСП, електронски во медиумите и социјалните мрежи, а целна група ќе бидат возачите и патниците како учесници во сообраќајот.
Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата налага возачот на моторно возило во кое се вградени сигурносни појаси и лицата кои се превезуваат со тоа возило, се должни да бидат врзани со тие појаси на начин утврден од производителот на возилото, за време додека возилото се движи во сообраќајот на пат.
Oдредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патишта предвидуваат дека покрај возачот и сопатникот на предните седишта, подеднаква обврска за носење сигурносен појас имаат и лицата кои се превезуваат на задните седишта во возилото. Исто така, напоменуваме децата кои имаат помалку од пет години треба да бидат во детско седиште, врзани со сигурносниот појас од детското седиште.
Законот предвидува глоба за неносење на сигурносен појас и тоа 40 евра во денарска противвредност за возачот кој управува со возилото, како и 50 евра во денарска противвредност за лицето кое се превезува во возилото.
„Сепак, казните се само парична вредност, а животот и безбедноста немаат цена, токму затоа заради лична безбедност и безбедност на патниците во возилото, секогаш, при секое патување користете сигурносен појас. Не заборавајте – сигурносниот појас спасува живот, затоа #СтавиПојас и #ВозиОдговорно!“, порачуваат од РСБСП.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа