Шеќеринска: Москва е опасност за стабилноста
Членството во НАТО е пат кој бара посветеност и истрајност, но резултатите се вредни за секој сојузник, истакна заменик-генералната секретарка на Алијансата, Радмила Шекеринска, на годишната национална конференција на здружението „Народ и одбрана“ во Селен, Шведска. Настанот се одржа на тема „Ковање на иднината: Стратегиската визија на НАТО под новото раководство“.
„Патот до НАТО не е секогаш лесен, но изборот да се приклучите на Алијансата е избор на слобода и демократија. Северна Македонија го направи тој избор, како што го направивте и вие во Шведска. Вашето членство е добра вест за стабилноста на Балтикот, Далечниот Север и пошироко,“ рече Шекеринска, осврнувајќи се на предизвиците и успесите на Шведска на патот до НАТО.
Таа ја нагласи важноста на колективната безбедност, особено во услови на зголемени глобални закани. „Кога претседателот Путин ја започна инвазијата на Украина, тој сакаше помалку НАТО. Наместо тоа, доби повеќе НАТО,“ истакна Шекеринска, додавајќи дека Алијансата останува обединета и подготвена за одбрана.
Шекеринска се осврна на стратегиската визија на НАТО, истакнувајќи дека е време за зголемена мобилизација. „Мора да ги зголемиме трошоците за одбраната и производството за да го гарантираме мирот и безбедноста на нашите граѓани,“ рече таа.
Осврнувајќи се на заканата од Русија, Шекеринска истакна дека Москва е најдиректната опасност за стабилноста и дека нејзините воени трошоци значително растат. „Русија заедно со Кина, Иран и Северна Кореја имаат за цел да го дестабилизираат глобалниот поредок и да ги ослабат нашите демократии,“ предупреди Шекеринска.
Таа го заврши обраќањето со порака за итна акција: „Мора да останеме силни, обединети и да преземеме чекори веднаш за да го зачуваме мирот и слободата.“
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа