На скопска Гинекологија се породила во седмо одделение

На Гинеколошко-акушерската клиника во Скопје во 2013 година се родиле четири тројки и 129 пара близнаци, а реализирани се и се 57 ин витро оплодувања

Во Македонија изминативе неколку години се раѓаат по околу 23.000 бебиња годишно. Од овој број повеќето се машки, односно односот е 52:48 или на 100 живородени женски деца 108 се машки.

До средината на декември на Клиниката за гинекологија се родија 5.451 новороденчиња од кои 1.489 со царски рез, а останатите 3.962 бебиња се дојдени на свет со спонтани породувања. Од Гинекологија, исто така, информираат дека годинава се родиле и четири тројки и 129 пара близнаци.

Интересни се податоците кои зборуваат за старосната структура на родилките, бидејќи годинава тинејџерка на возраст од 14 години донела на свет живородено бебе. Најстарата родилка имала 49 години. На оваа клиника годинава се реализирани 57 ин витро оплодувања.
Од Фондот за здравствено осигурување на Македонија велат дека вештачкото оплодување за осигуреничките е бесплатно и за таа цел од нивниот буџет се одвојуваат околу 60 милиони денари. Годишно за оваа услуга се доставуваат од 800 до 900 барања кои се реализираат и во јавните и во приватните болници.

Во ЈЗУ Специјална болница по гинекологија и акушерство Мајка Терезаа во Чаир годишно се раѓаат околу 3.000 бебиња или по десетина во период од едно деноноќие. Неофицијалните проценки се дека и годинава во приватните и во јавните родилишта бројот на новородени изнесува над 22.000 бебиња.

Статистичките податоци на Државниот завод за статистика на Македонија за 2012 покажуваат дека во Македонија се родиле вкупно 23.752 деца, што споредено со 2011 е за 798 повеќе или претставува раст од 3,5%. И статистичарите утврдиле дека според полот во структурата превладуваат машките деца, односно нивното учество е 51,9%, односно, на 100 живородени женски деца 108,1 се машки.
- Околу 35,1% од живородените деца се од мајки кои се на возраст од 25 до 29 години, потоа следуваат мајки на возраст од 30 до 34 години со 25,1%, а на мајките од 20 до 24 години уделот во вкупниот колач е 23,8%. Просечната возраст на мајката која за прв пат родила е 28,1 години - анализираат статистичарите и дополнуваат дека лани се регистрирани 26 живородени деца од мајки на возраст под 15 години, како и 2.742 вонбрачни бебиња.

Целата анализа прочитајте ја во Вечер

 

27.12.2013 - 11:37

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега