Јаневска: Македонија инвестира во квалитетно образование за медицински сестри и акушерки
Проектот за унапредување на образованието за медицинските сестри и на акушерките и воспоставувањето систем за признавање на професионалните квалификации ќе им овозможи на учениците и студентите да добиваат квалитетно образование по европски стандарди, рече министерката за образование и наука, Весна Јаневска, на настанот со кој беше означен почетокот на проектот, кој е финансиран од ЕУ и се имплементира со поддршка на Министерството за надворешни и европски работи на Република Словенија, техничка помош на Канцеларијата на СЗО во Скопје и македонското Министерство за здравство.
Здравствената струка се реализира во 20 средни училишта во државата, а над 4.700 ученици, од прва до четврта година, се школуваат за медицински сестри. Во образовниот профил гинеколошко-акушерска сестра, од прва до четврта година, има вкупно 406 ученици. Некои од нив продолжуваат на студиските програми од прв, втор и трет циклус на студии.
„Проектот ќе обезбеди натамошно унапредување на сестринскиот и акушерскиот кадар, а ние како Влада и ресорни министерства се стремиме да создадеме услови за нивна поддршка. Нашата држава треба соодветно да го цени нивниот придонес преку конкурентни плати и можности за професионален раст и напредок за да можеме да ги задржиме меѓу нас. Како лекар можам со сигурност да кажам дека тие се столб на здравствениот систем, без кој не е можна здравствената заштита“, нагласи Јаневска.
Важен аспект на проектот е воспоставувањето на системот за признавање на професионалните квалификации, што ќе овозможи препознатливост на стекнатите дипломи.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа