СОБРАНИЕ: Помина Законот за медиуми
Собранието на Република Македонија вечерва во рамки на 72. седница со 61 глас „за“ го донесe Дополнетиот предлог-закон за медиуми во второ читање.
Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски во образложението на Дополнетиот предлог-закон за медиуми рече дека веднаш на првата наредна владина седница Министерството за информатичко општество и администрација ќе ги достави предлог амандманите на законите за медиуми и за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, како што се договориле со претставниците на Здружението на новинари на Македонија.
- Да нема дилема кога ќе биде тоа, тоа ќе биде на првата наредна владина седница. Во Законот за медиуми по договореното со претставниците на ЗНМ комплетно ќе се изостават електронските публикации, електронските портали. За печатените медиуми ќе остане само обврската за импресум и обврската за транспарентност во работењето и онаа која се однесува на заштита на малолетни лица од порнографски содржини, истакна Ивановски.
Дополнително, посочи министерот, ќе продолжиме да дискутираме во наредните шест месеци за МРТВ.
Пратениците од опозицијата посочија дека на Македонија не и треба закон за медиуми, обвинија оти се чекало да помине Европскиот совет за законите за медиуми и за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, да бидат ставени на дневен ред.
Собранието го усвои предложениот заклучок според кој, констатира дека Барањето за давање автентично толкување на член 196 од Законот за извршување поднесен од пратеникот Васил Пишев не е оправдано и нема потреба од автентично толкување на тој член од Законот.
Претходно, пратениците го донесоа Дополнетиот предлог-закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во второ читање. рп/20:05
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа