Рекорден број на вакцинирани против грип: Граѓаните се свесни за важноста на заштитата
Заменик министерот за здравство Јовица Андовски денеска на прес-конференција изјави дека годинава има одличен одѕив за бесплатната вакцинација против сезонски грип. Согласно податоци од Управата за електронско здравство, преку апликацијата vakcinacija.mk, досега биле пријавени 75.712 лица и биле вакцинирани 66.674 граѓани.
-Ова е рекорден број пријавени и вакцинирани лица, кои сакаат да се заштитат од посериозни компликации од сезонскиот грип. Статистиката покажува дека, од вкупниот број вакцинирани, речиси 42 илјади се лица над 65 години, 21.784 лица со хронични заболувања, 2.334 здравствени работници, како и 29 деца на возраст од 6 месеци до 5 години и 24 бремени жени, појасни тој.
Како што информираше, рекордер е Скопје со 19.722 вакцинирани лица. За споредба, лани во Скопје биле вакцинирани 17.346 лица, што покажува нагорен тренд на интересот за вакцинација.
-Во Битола, досега, вакцина против сезонски грип примиле пет илјади граѓани, а лани таа бројка изнесувала 4.600 лица. Во Велес исто така се бележи зголемување на бројот на вакцинирани, и тоа од 2.480 лица лани, годинава се 2.749 лица. Во Гостивар, исто така, има зголемување на бројот на вакцинирани досега вакцина примиле 2.175 лица, а лани биле вакцинирани 1.849 лица. Исто така, во Кавадарци се забележува зголемен интерес годинава вакцинирани се речиси две илјади лица, а лани се регистрирани 1.583 вакцинирани против сезонски грип, додаде заменик министерот за здравство.
Тој нагласи дека бидејќи во тек е сезоната на грип, клучна е навремената заштита, посебно кај ризичните групи население.
-Според податоци од Институтот за јавно здравје на неделно ниво се регистрирани 67 седум случаи на групни пријави за заболени од грип и заболувања слични на грипот. Тоа претставува за 42,6 отсто повеќе во споредба со претходната недела, додека во однос на моделот за последните 14 сезони, се регистрира зголемување од 4,2 отсто, појасни тој.
Во зимскиот период се очекува зголемување на бројот на заболени од грип, додаде тој, а за потсетување, лани од грип биле евидентирани 14 смртни случаи.
-За среќа, годинава, се уште нема регистрирано починати лица во државата. За тоа во голема мера придонесува навремената заштита, посебно, како што споменав, навреме вакцина треба да примат ризичните групи население, како што се: повозрасни лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, деца на возраст од 6 месеци до 5 години, како и лица сместени во установи за социјална заштита на стари лица и вработените во установи за социјална заштита на стари лица, подвлече тој.
Тој кажа дека имало граѓани кои успешно се пријавиле за вакцинација, но, заради некоја причина, не добиле смс порака и не дошле на закажаниот термин, иако самите изразиле интерес за тоа.
-Станува збор за околу 7.000 лица, кои треба веднаш да се обратат кај својот матичен лекар, каде ќе добијат инфо за пунктот за вакцинација и времето кога да дојдат да се вакцинираат. Од Министерството за здравство веќе е испратен допис до матичните лекари со список на пациенти кои се регистрирале, но не дошле на терминот за вакцинација. Тие имаат можност да се вакцинираат во следниот период, појасни Андовски.
Заинтересираните се уште можат да се пријават за вакцинација против сезонски грип преку апликацијата vakcinacija.mk, co цел навреме да се заштитат од можни посериозни компликации од ова заболување.
-Годинава се обезбедени 80 илјади дози вакцини - Министерството набави 70 илјади и плус 10 илјади се обезбедени со донација. Постои можност и за дополнителна набавка на вакцини, согласно интересот на населението. За потсетување, вакцинацијата против сезонски грип претставува најефикасна мерка за превенција од грип, која спречува појава на потешки форми, компликации и смртен исход, особено кај ризичните групи население, истакна Андовски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа