Агелер: Црната листа на САД се проширува, се разгледуваат нови имиња
Американската амбасадорка Анџела Агелер, денеска, одговарајќи на новинарско прашање во врска со црната листа на САД, рече дека таа е многу динамична и дека постојано се дискутира за нови имиња.
Во изјавата по отворањето на првата конференција за борба против корупцијата во Западен Балкан, организирана од Амбасадата на САД во Скопје, во соработка со Бирото за меѓународни наркотици и спроведување на законот (INL), амбасадорката посочи дека листата е отворена за дополнувања.
Агелер нагласи дека нема конкретна временска рамка за додавање нови лица на листата бидејќи тоа е одлука на Вашингтон.
„Црната листа на САД е многу динамична, постојано се разгледуваат и се дискутира за имиња. Јас ја немам временската рамка бидејќи тоа е одлука на Вашингтон. Но можам да ве уверам дека додека зборуваме, има одреден број имиња што се земени предвид и како и секогаш сме отворени кон додавање нови лица на листата и ќе се погрижиме да дознаете кога тоа ќе се случи“, изјави амбасадорката.
Последни што се најдоа на црната листа на САД од земјата беа поранешната шефица на згаснатото специјално јавно обвинителство (СЈО), Катица Јанева, и актуелниот градоначалник на општина Карпош и лидер на политичката партија ГРОМ, Стевчо Јакимовски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа