Стојаноски: Ако Филипче е толку сигурен нека поднесе барање за распуштање на Собранието

 

Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски вели дека доколку лидерот на СДСМ, Венко Филипче навистина смета дека се потребни предвремени парламентарни избори, тогаш може преку својата пратеничка група да поднесе барање за распуштање на Собранието.

-Прво, односите во владината коалиција се многу квалитетни и тоа може да се види од политиките кои се продуцираат во реалноста. А второ, ако е навистина така и господинот Филипче е сигурен во тоа што го зборува, има пратеничка група, 18 пратеници, нека поднесат барање за распуштање на Парламентот, па тоа што го тврди да го провериме на избори, рече Стојаноски.

Ова доаѓа откако претходно Филипче на прес-конференција кажа дека СДСМ е подготвен за предвремени парламентарни избори.

-Тоа што има најава за предвремени избори само 3 месеци по формирањето, значи дека на владата навистина не и оди. Теренска анкета покажува дека над 65% од граѓаните не се задоволни од работата на Владата.
Што се однесува на СДСМ ние сме спремни да одиме на било какви избори, од денеска па натака. На секој следен циклус на избори ние ќе настапиме многу поорганизирано и многу поуспешно – рече лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
Неговата изјава доаѓа како одговор на новинарско прашање во врска со понудата на премиерот за предвремени парламентарни избори заедно со локалните.

Вицепремиерот и министер за животна средина, Изет Меџити, кој доаѓа од редовите на ВРЕДИ смета дека предвремени парламентарни избори се само губење време бидејќи досега немало постабилна Влада од оваа.

-Од 90-тите години досега немало постабилна Влада и поголемо мнозинство од ова, 78 пратеници, и тоа расте. Сигурно за кратко време расте и до 80. Тоа е две третини од Собрание. Тоа е доволен коментар, рече Меџити појаснувајќи дека изјавата на премиерот Мицкоски само дел од дебата во Собранието.

Според него, никому не му е во прилог да се одржат предвремени парламентарни избори и тоа ќе биде само непотребен трошок и непотребно губење време.

-За државата и граѓаните, кога имаш мнозинство од 80 пратеници е непотребно да се размислува бидејќи тоа е трошок за државата и непотребно губење време бидејќи секое прогласување на избори шест месеци пред и по изборите запираат сите постапки, сите јавни набавки, вработувања и тоа влијае многу на економијата. Прво нема да бидат среќни тие што сакаат да работат, бизнисот во оваа држава, рече Меџити.

04.11.2024 - 13:13

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега