Лавров распали по Зеленски: Неговите планови се движат од „глупави“ до неуспешни

 

Плановите за решавање на украинскиот конфликт предложени од украинскиот лидер Володимир Зеленски се движат од „глупави“ до неуспешни, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

На меѓународната конференција за евроазиска безбедност во Минск, Лавров потсети дека Украина од 2014 година усвои драконска антируска политика, почнувајќи од забраната на рускиот јазик во училиштата и практично во сите сфери на животот, до неодамнешното незаконско прогласување на Украинската православна црква, која има канонски врски со Москва, пренесува Срна.

Лавров особено посочи дека мерките што ги презема Украина во последните 10 години се против Повелбата на ОН, која предвидува дека сите луѓе се третираат еднакво без разлика на пол, раса, јазик или религија.

– Западот, сепак, замижува пред ова грубо прекршување на Повелбата на ОН од страна на русофобниот и расистички режим во Киев, рече Лавров, истакнувајќи дека наместо тоа, украинските поддржувачи промовираат „ќорсокак на Зеленски и глупава формула за мир која повикува на капитулација на Русија“.

Лавров потсети дека пред неколку недели и Зеленски објави „не помалку шизофреничен“ „план за победа“, нагласувајќи дека ниту формулата, ниту планот, ниту „фантазиите“ на Киев за да стане членка на НАТО или ЕУ не помагаат во воспоставувањето мир во Европа.

– Стабилноста во овој дел од евроазискиот континент ќе се постигне само доколку се обезбедат долгорочни, сигурни гаранции на полето на безбедноста, нагласи Лавров.

31.10.2024 - 19:16

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега