Идната недела нова рунда дијалог меѓу Косово и Србија
Идната недела, најверојатно во четврток, на 24 октомври, се очекува да има нова рунда средби во Брисел во рамки на дијалогот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија, на ниво на главни преговарачи.
Информацијата ја дадоа дипломатски извори на Радио Слободна Европа во Европската Унија, не наведувајќи детали за средбите.
Во ЕУ, напоменува РСЕ, секогаш го користат зборот „средби“, бидејќи не се сигурни дали ќе има трипартитна средба, односно средба меѓу двете делегации во присуство на олеснувачот од ЕУ.
Досега вообичаено се одржуваа билатерални средби меѓу претставникот на ЕУ за дијалог, Мирослав Лајчак и главните преговарачи на Косово и Србија, вицепремиерот Бесник Бислими и директорот на Канцеларијата за Косово при српската Влада, Петар Петковиќ, но не и тристрани средби.
Последен пат беше одржана трипартитна средба на 2 јули годинава. Сепак, по средбата страните излегоа со дијаметрално спротивни ставови за тоа што се случувало на средбите. Двете страни меѓусебно се обвинуваа за „неподготвеност за дијалог“.
Изминативе денови Лајчак имаше консултации со страните. Меѓутоа, освен тврдењата дека се разгледува патот за напредување во дијалогот, ЕУ – која посредува во овој процес што започна во 2011 година – не дава детали за тоа со кои теми ќе се занимаваат страните на следните средби.
Во ЕУ, но и во НАТО, се повеќе искажуваат незадоволство од досегашниот тек на дијалогот, велејќи дека процесот не ги дава очекуваните резултати. Ова го изјави и новиот генерален секретар на НАТО, Марк Руте, изразувајќи загриженост поради тоа, пишува РСЕ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа