Левица: Јакимовски и Јаневска се препукуваат додека учениците седат во студени училници

 


Деновиве јавноста сведочи препукувања меѓу лидерот на ГРОМ и градоначалник на Општина Карпош, Стевче Јакимовски, и министерката за образование од ВМРО- ДПМНЕ, Весна Јаневска, велат од Левица.

„Јакимовски најави дека ќе го помести почетокот на грејната сезона во училиштата на територија на општина Карпош за први ноември, бидејќи парите што ги добива Општината од МОН не се доволни да ги покријат тошоците на училиштата и училиштата веќе должат 8.300 000 денари кон ЕСМ.

Јакимовски излезе со тврдење дека блок-дотациите на кои се повикува Јаневска не се соодветно исплатени, односно од предвидени 39 милиони денари, исплатени се само 23 милиони ден.
Министерката излезе со коментар дека Јакимовски е снаодлив и очекува да се снајде.
Додека тие, место да седнат на маса и да разговараат за проблемот со цел да најдат решение, се препукуваат на пресови, учениците од училиштата во општина Карпош ќе останат во студени училници.
Ситуацијата во општина Карпош сведочи за една крајна незрелост и немање свест за јавен интерес и од двете страни.
Додека Јакимовски и Јаневска калкулираат партиски гласови ни малку немаат предвид дека стотици основци и нивните наставници се оставени да работат во несоодветни услови.

Партиските пресметки за јавни пари и на сметка на јавен интерес ја даваат вистинската слика на несовесноста на владеачките партии и го покажуваат вистинското лице на нивната жед за власт. Очигледно е дека крајна цел е моќ и злоупотреба, место идеи и реализација за поквалитетно живеење и просперитет на општеството.
Ставот на Левица е дека јавниот интерес мора да биде над секој друг интерес.

Ги повикуваме и двете страни да бараат и да нудат решенија, место да креираат проблеми со цел да приберат политички поени - на граѓаните веќе им е јасно дека во ваквите навидум битки, единствени жртви се тие и нивните деца“, стои во соопштението на Левица.

17.10.2024 - 14:46

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега