Земјоделците во велешко на удар: Се краде грозје, садници и опрема
Се крадат грозје, садници, делови од системи за наводнување и од земјоделски машини, алати и други предмети од ниви и земјоделски имоти на територијата што ја покрива Секторот за внатрешни работи - Велес. Оваа информација ја потврди за МИА, Биљана Ѓаковска, портпарол во СВР - Велес.
- Од почетокот на годината до 18 септември, во СВР - Велес пријавени се вкупно 35 кражби во ниви и земјоделски имоти. Притоа, во четири случаи било одземено грозје од лозови насади. Исто така, граѓаните пријавувале дека им биле одземени дрвја - садници, делови од системи за наводнување, делови од земјоделски машини, алати и други предмети, појасни Ѓаковска.
Инаку, кавадаречката полиција на 15 септември приведе три лица од Кавадарци, поради кражба од нива.
- Полициски службеници од ОВР - Кавадарци ги лишиле од слобода Н.В., на возраст од 43 години, Р.В., 20-годишно лице и 41-годишната С.В., поради извршена кражба од нива во близина на Кавадарци, сопственост на Л.Р., 54-годишно лице од кавадаречкото село Ваташа, беше тогаш официјалната информација од СВР - Велес.
Оттаму тогаш додадоа дека по документирање на настанот, против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа