Му врачиле обвинителен акт дебел 500 страници: Бериша официјално обвинет за корупција
Албанскиот опозициски лидер Сали Бериша е официјално обвинет за корупција за дејствија што ги презел додека бил премиер пред петнаесет години. Бериша овој случај го нарече политичка одмазда, објави Ројтерс.
Во октомври, Бериша беше обвинет дека го искористил своето влијание како премиер од 2005 до 2009 година за да изврши притисок врз другите, вклучително и неговиот зет, да го завршат процесот на приватизација. Бериша негира какво било прекршување на законот.
„Можете да замислите, велат дека сум корумпиран од мојот зет“, рече тој по излегувањето од обвинителството во Тирана во средата.
Тој изјави дека му е врачено обвинителен акт од 500 страници, како и дека е поднесен обвинителен акт и против неговиот зет.
„Ова е продолжување на политичкиот реваншизам, извршување на наредбите на политичката мафија“, рече Бериша.
Бериша, кој во декември беше испратен во домашен притвор, го обвини актуелниот премиер Еди Рама дека го организирал кривичното гонење против него, што пак Рама го негираше.
Во 2021 година, САД им забранија на Бериша и неговото семејство да влезат во земјата, истакнувајќи дека додека бил премиер бил вклучен во „коруптивни акции“ и ја користел својата моќ за „лична корист и збогатување на неговите политички сојузници и членовите на неговото семејство.
Велика Британија изрече слична забрана за влез во земјата на албански политичар.
Бериша беше претседател од 1992 до 1997 година, веднаш по падот на комунистичкиот режим во Албанија, и премиер од 2005 до 2013 година.
Тој е лидер на најголемата опозициска политичка сила во земјава – Демократската партија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа