Клуч на врата за две приватни здравствени установи
Две приватни здравствени установи од денеска привремено се затворени поради констатирани повреди на законот и неправилности во работењето утврдени од страна на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) во рамки на вонредна контрола направена на 10 мај по телефонска пријава. Станува збор за Дијагностичка лабораторија за цитологија и хистологија „Хистолаб“ и Поликлиника од специјалистичко-консултативна дејност „Промедика Медикал центар, од Скопје, кои ќе останат затворени 30 дена.
По донесеното решение за привремена забрана за вршење дејност Инспекторатот ќе поднесе барање за поведување прекршочна постапка.
Директорот на ДСЗИ Џевџес Шаќири денеска на прес-конференција истакна дека во едната приватна здравствена установа од медицинската документација било утврдено дека здравствени услуги давал здравствен работник кој не бил вработен во неа, што, како што рече, е спротивно на решението за дозвола за работа на здравствената установа. Здравствените услуги биле давани како дополнителна дејност на здравствениот работник вработен во јавна здравствена установа без да бидат исполнети законските услови за давање дополнителни услуги.
- Имено, при извршениот инспекциски надзор од страна на ДСЗИ, од медицинската документација беше утврдено дека во „Хистолаб“ здравствени услуги (цитолошка дијагностика, хистопатолошка дијагностика и имунохистохемиска дијагностика) давал професор-доктор вработен на Клиниката за онкологија и радиотерапија, со што приватната здравствена установа вршела дејност спротивно на дозволата за работа, односно од здравствен работник кој не е наведен во дозволата за работа каде што како стручен кадар се наведени сосем други имиња на доктор–специјалист по патолошка анатомија и медицински лаборант техничар, рече Шаќири.
Тој посочи дека во таа приватна здравствена установа без исполнување на условите од член 223 од Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр.43/12 и 145/12), дополнителна дејност вршел професор доктор вработен во Клиниката за онкологија и радиотерапија со што таа не ги спроведувала одредбите на Законот за здравствената заштита и актите донесени врз основа на законот.
- Во Промедика Медикал центар беше затекната докторка работена на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија која давала здравствени услуги од областа на пластичната и реконструктивна хирургија, иако приватната здравствена установа немала дозвола за работа за таков вид услуги. Докторката лично од инспекторите е затекната во приватната здравствена установа, во рамки на работното време. Инспекцискиот надзор е почнат во 13 часот, рече Шаќири.
Од ДСЗИ информираа дека казната за докторите ќе биде забрана за вршење натамошна дејност во тие здравствени установи, ќе следат правните процедури и ќе се одлучи што понатаму.
Согласно правилникот за вршење дополнителна дејност, докторите специјалисти од јавните здравствени установи дополнитeлната работа може да ја вршат само во здравствената установа каде што се вработени или во друга јавна, но не и во приватна здравствена установа