Аналитичарите: Цените на златото би можеле да достигнат нови рекорди поради Индија
Побарувачката за злато во Индија за време на претстојната сезона на хинду-фестивали, најверојатно, ќе остане силна, а цените на златото би можеле да достигнат нови рекордни височини, велат аналитичарите.
Индија ги намали царинските давачки за злато пред овие фестивали, па може да се очекува дека побарувачката ќе се зајакне во вториот најголем потрошувач на злато во светот. И ова може да предизвика дополнителен раст на цените на златото во светот, кои достигнаа рекордни нивоа минатата недела.
„Намалувањето на царините најмногу им користи на потрошувачите“, рече Сачин Џаин, извршен директор на бизнисот во Индија на Светскиот совет за злато.
Во јули Индија ги намали увозните давачки за злато од 15 на 6 отсто со цел да се спречи шверцот. Џаин рече дека побарувачката во текот на претстојната фестивалска сезона ќе биде многу голема.
Побарувачката за злато во Индија има тенденција да расте кон крајот на годината, што се совпаѓа со традиционалната сезона на венчавки и големите фестивали, вклучувајќи ги „Дивали“ и „Душера“, кога купувањето златни шипки се смета за попрофитабилно.
По намалувањето на тарифите во Индија, цените на мало паднаа и побарувачката се зголеми. Се чини дека тој тренд ќе продолжи и во наредните месеци, рече Ајој Чаула, управен директор на одделот за накит на Титан.
Глобалните цени достигнаа рекордно високо ниво минатата недела, но домашните цени во Индија во понеделникот беа околу 765 евра за 10 грама, што е под јулскиот рекорд од 74.731 рупија.
Намалувањето на давачките го промени расположението кај потрошувачите, кои го одложуваа купувањето поради растот на цените, велат аналитичарите.
Цената на златото можеше да достигне ново рекордно високо ниво над 80.000 рупии доколку не дојдеше до намалување на царината, но сега се тргува под тоа ниво, што, најверојатно, ќе ја зголеми побарувачката следниот месец поради фестивалот „Онам“, заклучија тие.
Цената на златото на светскиот пазар минатата недела достигна рекордно ниво од 2.550 долари за унца.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа