Трпчески ја остави без здив публиката во Прага

Долготрајни овации одекнуваа во полната сала Рудолфинум во Прага каде што Прашката филхармонија на својата програма ја изведе светската премиера на Концертот за пијано и оркестар од Дамир Имери, на кој солист беше Симон Трпчески.

- Симон Трпчески е ѕвезда. Еден од моите навистина најомилени соработници. Заедно реализиравме многу проекти. Тој секогаш и секаде кога настапува се труди да ја промовира македонската музика, барем изведувајќи ја на бис. Затоа и помислив дека би било убаво на програмата да ставиме и македонско дело, а тој ми спомена дека Дамир Имери го компонира овој концерт. И бидејќи мојов оркестар - Прашката филхармонија е позната по нови неконзервативни идеи на својот репертоар, предложивме на изведбата на Концертот од Сен-Санс, Симон да го додаде и концертот на Дамир Имери и тоа како светска премиера. Ова беше голема чест и за нас, изјави Хруша за МРТ.

И нашиот пијанист од светски глас Симон Трпчески не го криеше задоволството, па дури и запеа на сцена воведувајќи ја публиката во приказната на делото инспирирано од македонски фолклорни теми.

- Нема зборови да се опише воопшто целата атмосфера вечерва кога се изведе светска премиера на македонско дело, концертот на Дамир Имери, кој е всушност еден голем тригодишен проект во кој јас верував и еве ја доби својата завршница на најубав начин. Фантастично звучеа прашките филхармоничари под водството на маестро Хруша и во голем дел од изведбите звучеа како Македонци. Мартин Вучиќ ми се придружи во третиот став на тапан и атмосферата едноставно зовре и Прага ги почувствува крвта и корените на македонската музика, изјави Трпчески, а Вучиќ дополни дека и исполнителите и публиката биле многу задоволни и дека и ние сме покажале оти имаме фантастични автори на перфектни ремек дела. - Особено кога на оваа прекрасна сцена ќе се здружат Прашката филхармонија, диригент како Хруша, пијанист како Симон, тогаш искуството е навистина неповторливо, рече Вучиќ.

Највозбуден беше авторот на концертот инспириран од македонскиот фолклор, нашиот композитор Дамир Имери.

- Пресреќен сум. Максимално сум задоволен. Имаше толку малку време, но се работи за вистински професионалци, музичари од висока класа кои иако свиреа нешто што не им е многу познато, какво што не свиреле, сепак нивната професионалност дојде до израз, изјави Имери.

Проектот го реализираа Здружението КултурОп со помош на ИМГ Артистс од Лондон и ЗИП Травел, а зад него безрезервно застана Министерството за култура на Република Македонија.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска присуствуваше на концертот и со задоволство ја сподели својата возбуда од премиерниот чин.

- Горда сум и почестена што присуствував и на овој концерт на Симон Трпчески со Прашката филхармонија. Салата беше преполна, аплаузот беше гламурозен и тоа особено по изведбата на едно македонско дело каков што е прекрасниот концерт на Дамир Имери. Многу ме исполни таа позитивна енергија што ја почувствував кај сите присутни во салата и особено од Симон кој е личност со кого Македонија се гордее. Концертот на Имери е исто така поддржан од Министерството за култура во рамките на Националната програма, како проект од национален интерес. Им благодарам и на Симон и на Дамир и на прашката публика што присуствуваше во толкав број на овој незаборавен концерт, подвлече Канческа-Милевска.

Пригоден прием приреди и амбасадорот на Република Македонија во Чешка, Паскал Стојчески кој, заедно со вработените од Амбасадата, помогна да се подигне нивото на едно вакво значајно културно претставување на земјава во странство. Меѓу присутните во публиката беа и голем број Македонци, од кои некои за оваа прилика допатувале и од соседните земји.

Меѓу нив и нашиот амбасадор на културата, режисерот Милчо Манчевски, кој за МРТ изјави: „Многу убав концерт, прекрасен концерт. Многу ми е мило што можев да бидам тука и да им оддадам лична поддршка на Симон и Дамир". 

Концертот со Прашката филхармонија беше последниот за календарскава година во распоредот на македонскиот виртуоз на пијано Симон Трпчески. 

23.12.2013 - 09:57

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега