Врховен со одлука за Рамадани: Кривичен суд повторно да одлучува за барањето за екстрадиција
Врховниот суд денеска донесе решение за предметот во врска со екстрадицијата на Блерим Рамадани со кое се укинува Решението на Основниот кривичен суд Скопје и предметот се враќа на повторно одлучување и постапување.
„Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција при Основниот кривичен суд Скопје, при донесување на својата одлука со која утврдил дека не се исполнети законските претпоставки за екстрадиција на именуваното лице, не дал образложени причини од кои се раководел кога прифатил дека постапката започната согласно член 75 став 1 од Законот за меѓународна соработка во кривичната материја, како скратена постапка да се води како редовна постапка согласно член 68 во врска со член 51 од истиот закон.
Ваквото постапување и донесување на одлука на првостепениот суд по оценка на Врховниот суд на Република Северна Македонија е нејасно и неразбирливо, без дадени релевантни причини од кои советот се раководел при донесување на својата одлука.
При повторното постапување, првостепениот суд е должен да ги има во предвид наведените укажувања, како и одредбите од Законот за меѓународна соработка во кривичната материја и Европската конвенција за екстрадиција со Првиот и Вториот Дополнителен протокол во врска со Законот за ратификација на Третиот Дополнителен протокол на Европската конвенција за екстрадиција, па врз основа на истите со правилна примена на одредбите да донесе правилна и законита одлука.“, се наведува во образложението на решението на Врховниот суд на Република Северна Македонија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа