Општина Чашка го одбележа Денот на oпштината

 

Со свечена седница на Советот денеска беа одбележани Денот на Општина Чашка - 21 Август и 28 години од постоењето на оваа локална самоуправа.

Претседателот на Советот Трајче Мишковски им се заблагодари на сите институции кои соработуваат и ги поддржуваат активностите на Општина Чашка. Посебна благодарност и доделување на благодарници од Општина Чашка беа врачени  на  сите институции и поединци кои се вклучија во акциите за спас на животната средина, односно на сите кои се влучија во гаснење на шумските пожари оваа лето во Општина Чашка.

Мишковски ги нарече „вистински херои“, а им беа врачени признанија и благодарници  на пожарникарите од ТППЕ Велес, на припадниците на Подружницата на  Шумско стопанство „Бабуна“ Велес, на припадниците на Армијата од Командата за обука и доктрини Велес, од СВР Велес и одделението на полицијата во Чашка, како и на ЈПКД „Тополка“ и доброволци од општината Чашка  и поединци, кои со своја механизација се вклучија во гаснењето на шумските пожари.

На свеченоста беа доделени и пофалници на најдобрите основци од општината, беа доделени и стипендиите на учениците за претстојната уебна 2024/25 година. Благодарници беа доделени и на Хабитат, а беа доделени и признанија за најдобри општински службеници, комунален работник, социјален работник и на Здружението на граѓани „Акцијаши - Ветерани“.

Мишковски истакна дека општината соработува со многу институции и невладини  организации и помага со многу акции за хуманитарни цели, дава и стимул за развој на образованието и социјалната заштита на населението, спортот, културата и други области и поддржува голем број на манифестации.

На седницата се обрати и градоначалникот Горан Стојановски, кој им го честита празникот на сите жители на Општина Чашка, која е мултинационална општина. Истакна дека општината има позитивно салдо и дека реализира голем број на успешни проекти од сите сфери и активности.

На свеченоста беше презентиран  и 30-минутен документарен филм за сите активности  и проекти на Општина Чашка реализирани  од август 2023 до август 2024 година.

Во рамките на прославата на Денот на Општина Чашка, градоначалникот Стојановски утрово во својот кабинет ги прими најмладите - децата од градинката „Бамби“ од Чашка.

Во рамки на програмата, денеска се одржа и шаховски турнир, а на 23 август ќе се одржи и традиционалната акција за доброволно дарување крв во Чашка што Општината ќе ја изведе во соработка со Општинскиот Црвен крст од Велес и Институтот за трансфузиона медицина од Скопје. 

21.08.2024 - 16:11

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега